Фудбал
СЕРИЈА А 2019/20

И Болоња го сака Ибра, Михајловиќ лично го замолил да дојде

21. октомври 2019 - 18:35 | Ф.З.

„Помогни ми 6 месеци па потоа пензионирај се“, му рекол Михајловиќ на што Ибрахимовиќ возвратил: „Пријателе, ќе морам да размислам убаво“.

Синиша Михајловиќ пробува да го убеди Златан Ибрахимовиќ да ја продолжи кариерата во Болоња. Наголемо се шпекулира дека по завршувањето на плеј-офот во МЛС шведскиот голгетер ќе си замине од САД, а еден куп клубови се етикетираат како негова следна дестинација.

Српскиот стратег не седи со скрстени раце, телефонски се слушнал со Ибра и го убедувал да се врати во Италија. Нивниот разговор го објави Corriere dello Sport.

„Ајде, дојди да ми помогнеш 6 месеци, потребни ни се твоите голови, тука ќе станеш крал на Болоња“, рекол Михајловиќ на што Ибра одговорил: „Види Синиша, Италија е во моето срце и би сакал да ја завршам кариерата во клуб кој се бори за Скудетото, но доколку не ми се пружи таква прилика значи дека е време да престанам и ќе се вратам во Шведска“.

„Направи исклучок, подари ми мене и на Болоња шест месеци пред да се пензионираш“.

„Дај ми време за да размислам, во секој случај ќе се пречуеме“, завршил Ибра.

Потоа во медиумите Швеѓанецот даде изјава дека постои можност да му ја исполни желбата на Михајловиќ.

„Идејата не е моја, па доколку на крајот ја прифатам понудата на Болоња, тоа ќе го направам за мојот другар Синиша“.

Михајловиќ и Ибрахимовиќ се дружеа заедно додека беа дел од Интер во сезоните 2006/07 и 2007/08. Тогаш Србинот му беше асистент на Роберто Манчини, а Швеѓанецот играше во нападот. Ибра потоа јавно му се заблагодари на Синиша затоа што му помогнал да стане многу подобар во изведувањето на слободните удари.

Претходно не беа пријатели. Додека Михајловиќ беше активен играч на Интер, Ибрахимовиќ беше во Јуве и често кога ќе се сретнеа имаа препирки на теренот.

Златан ноќеска играше за Лос Анџелес Галакси кој со 2:1 славеше кај Минесота Јунајтед и се пласираше во четврт-финалето од плеј-офот за шампион на МЛС. Таму сега го очекува дерби пресметка со гратскиот ривал Лос Анџелес. Ибра има обврска кон Галакси до 10 ноември за кога е закажано финалето, доколку стигнат до таму, а потоа може да си бара нов клуб.

Коментирај