Бизнис

И Microsoft докажа: Работењето само четири дена неделно ја зголемува продуктивноста

4. ноември 2019 - 18:43 | А.С.

Јапонскиот огранок на Microsoft соопшти дека пробниот период во кој работеле четири дена неделно дал одлични резултати.

Сосема очекувано, вработените во компанијата биле одушевени од предлогот, а резултатите само ги потврдуваат оние од сличните вакви „експерименти“ – продуктивноста била зголемена за цели 40 проценти, пред сѐ бидејќи се држеле пократки, а поефективни состаноци.

Во август годинава, Microsoft Japan го воведе пробниот период со четириденвна работна недела за сите вработени, а проектот го нарече Work-Life Choice Challenge Summer 2019.

На околу 2.300 вработени им беа дадени пет слободни петоци, без намалување на платата и без одземање денови од годишниот одмор.

Microsoft Japan исто така планира да им даде на вработените паричен надомест за семејни одмори и за доедукација.

„Работи кратко, добро одмарај и учи многу. Тоа е неопходно за да имате опкружување во кое ќе ви биде овозможено да почувствувате дека имате цел и намена во животот и да давате поголем придонес на работа“, вели претседателот и главен извршен директор на Microsoft Japan, Такуја Хирано.

„Сакам вработените да размислуваат и да искусат како може да ги постигнат истите резултати со 20% пократко работно време“, вели тој.

Не е никакво изненадување дека вработените биле попродуктивни и посреќни на работното место кога биле поодморени и кога не биле оптоварени со уште еден ден во неделата поминат во патување до работа.

Коментирај