Македонската фудбалска репрезентација има свој црн ден, а тој ден е токму Денот на независноста - 8 Септември - денот кога никогаш не победила.
Секоја репрезентација има т.н. црн ден, ден кога не сака да игра затоа што на тој ден не ѝ оди. И македонската има таков, иако на нашава најчесто не ѝ оди независно од денот. Но, од датуми во календарот, 8 септември е ден кога Македонија никогаш не победила во својата историја. Од самиот почеток на репрезентацијата по независноста Македонија повеќе пати играла натпревари на овој датум, но никогаш не се израдувала на победа, ниту кога играла на домашен терен пред своја, празнично расположена публика.
8 септември 1991 година. Македонија прогласува независност по успешниот референдум на кој огромното мнозинство гласаше за независна Република Македонија и осамостојување од Југославија. Голем празник, денеска е точно 33 години од тој голем настан.
Но, кога ќе ги погледеме досегашните натпревари на македонската фудбалска репрезентација на овој датум, оној весел оптимизам за победа некако паѓа во вода. Македонија никогаш не успеала да извојува победа на својот најголем празник, дури и кога играла против полуаматерска репрезентација како Лихтенштајн.
Прв пат фудбалерите на овој ден истрчале во 1999 година во Скопје против Југославија во квалификациите за пласман на ЕУРО 2000. Уште во 1. минута Саво Милошевиќ ни го честитал празникот, а три минути подоцна Бобан Бабунски со автогол упатил нова честитка. Дејан Станковиќ и Љубинко Друловиќ се погрижиле за бламажа по само 45 минути игра. Во вториот дел Артим Шаќири и Саша Ќириќ се погрижиле поразот да биде поблаг. И од тој натпревар почнува црната празнична серија која никако да запре.
Наредниот празничен натпревар се одржа во 2002 година кога во рамките на квалификациите за ЕУРО 2004 гостувавме во Вадуц кај Лихтенштајн, кај репрезентацијата која претходно ја имавме победено со 3:0 и со, внимавајте, 11:1! Ѓорѓи Христов уште во 8. минута најави победа и нова голеада, но, од голеадата не излезе ништо, а пропадна и победата кога во 3. минута од судиското надополнување гол за израмнување постигна Михаел Штоклаза. Да не се победи против таков противник и ден денес е срам.
Третиот обид беше и невозможна мисијз. Во квалификациите за пласман на ЕУРО 2008 фудбалерите отпатуваа во Москва кај силната Русија предводена од холандскиот стратег Хус Хидинк. Василиј Березуцкиј во 6. минута најави пораз кој пред крајот го потврдија Андреј Аршавин и Александр Кержаков.
Уште потешка задача добивме во 2014 година кога квалификациите за ЕУРО 2016 ги отворивме со гостување во Валенсија кај тогашниот актуелен европски шампион Шпанија. Серхио Рамос од пенал во 16. минута донесе водство, само минута подоцна Пако Алкасер зголеми на 2:0, а во 28. минута некаква надеж врати Агим Ибрами кој реализираше пенал против Икер Касиљас. Потоа, во надополнувањето од првиот дел Серхио Бускетс зголеми на 3:1, а по паузата Давид Силва и Педро Родригес се погрижија за висок пораз од 5:1.
И реваншот со Шпанците во истите квалификации го игравме на Денот на независноста. Несмасниот автогол на голманот Томе Пачовски во 8. минута се покажа решавачки, за нов пораз на историскиот ден.
Следуваше дуел со Грузија во Тбилиси во пандемската 2020 година, во рамките на Лигата на нации 2020/2021. Во 13. минута Торнике Окриашвили од белата точка го отвори резултатот, а израмни Стефан Ристовски во 33. минута.
Наредната 2021 година Македонија доби нова шанса да побед на Денот на независноста. Во Скопје допатува Романија во квалификациите за Мундијалот 2022. Здодевно реми без голови во кое поактивни беа нашите го означи новиот пех на историскиот датум. Тоа беше последниот пат Македонија да игра на 8 септември.
Така, од 7 одиграни натпревари на овој голем празник, фудбалерите имаат 0 победи, 3 нерешени и дури 4 порази. А, пшак, гол-разликата ни е катастрофа: само 5 постигнати голови, а полна мрежа со дури 15 примени. Велат дека традицијата постои за да биде срушена, но нашава никако да падне. Дали секоја генерација фудбалери имаат трема кога играат на овој датум?
Натпревари на 8 Септември: 7
Победи: 0
Нерешени: 3
Порази 4
Гол-разлика: 5:15
Годинава и лани ни падна да играме на 7, 9 или 10 септември, па останува некоја наредна година да чекаме нова шанса да ја прекинеме неславната традиција на Денот на независноста.