Милан го доби најголемото засилување сезонава бидејќи долго бараниот напаѓач Сантјаго Хименес пристигна кај „Росонерите“ и им се претстави на навивачите на средбата со Златан Ибрахимовиќ.

Сантјаго Хименес (23) се истакна во последните две години во Фејнорд, освојувајќи ја титулата со овој тим и брилијантно играјќи во Лигата на шампионите, соборувајќи великани како Баерн.
Милан го посакуваше долго време, а самиот играч сакаше само во Милано. Објави фотографии од детството, на кои позира во дресовите на клубот, а трансферот го договорил заедно со Златан Ибрахимовиќ, чија покана не можел да ја одбие.
This story of Santiago Gimenez’s dad on Instagram. ❤️🖤🇲🇽 pic.twitter.com/DGrtkpexxV
— All Fútbol MX 🇲🇽 (@AllFutbolMX) February 2, 2025
„Росонерите“ за неговите услуги на Фејнорд му платија 30 милиони евра, плус бонуси кои нема да бидат помали од 5 милиони евра. Меѓутоа, како што Милан се ослободи од платата на Алваро Мората (кој се пресели во Галатасарај), се отвори простор за најголемото засилување во сезоната.
Мексиканскиот напаѓач, чиј раст наликува на Ибрахимовиќ, веќе беше на „Џузепе Меаца“ каде го пречекаа навивачите. Хименес го гледаше дербито дела Мадонина против Интер, а седеше во друштво на Златан Ибрахимовиќ.
„Одлуките што ги донесовме оваа зима се чисто за да го подобриме тимот. Хименес силен како Виери? Не, тој е како Ибра. Тој е на друго ниво. Го гледавме и го посакувавме во јули, но тогаш немаше можност и сега е тука со нас“, изјави Ибрахимовиќ за трансферот.
Хименес денеска ќе ги помине медицинските прегледи во Милано и ќе потпише договор до 2029 година. Веќе е познато дека ќе го носи дресот со бројот 7, кој претходно му припаѓаше на Мората.
Овој 23-годишен центарфор има постигнато 45 голови на 73 натпревари за Фејнорд, каде претходно пристигна од мексиканскиот Крус Асул.
Хименес е всушност Аргентинец роден во Буенос Аирес, но уште на 3-годишна возраст се преселил во Мексико оти татко му, Кристиан Хименес, направил трансфер во мексиканската лига каде потоа и останала да живее. Во едно интервју Хименес истакна дека се одлучил да ги брани боите на Мексико оти се чувствува повеќе Мексиканец отколку Аргентинец. Досега има 32 настапа и само 4 голови.