Фудбал
ЗИМСКИ ТРАНСФЕР ПЕРИОД 2020

Ибра е во Милано: Ова е мојот дом, ќе го кренам на нозе цел „Сан Сиро“

2. јануари 2020 - 13:24 | Ф.З.

Ибрахимовиќ слета на Линате ародромот каде беше пречекан од Звонимир Бобан и десетици навивачи на „Росонерите“.

Мега-засилувањето на Милан денеска во 11.30 часот слета на Линате ародромот каде десетици возбудени навивачи му приредија дочек. Од управата на клубот пратен да го пречека беше Звонимир Бобан.

„Многу сум среќен што се враќам. Ова е многу емотивно за мене бидејќи секогаш сум велел дека Милано е мојот дом и конечно еве ме назад. Бев во други клубови, но конечно повторно сум тука“, беа првите зборови на Ибра по слетувањето.

Прашан што би им порачал на навивачите на Милан кои се и тоа како разочарани од катастрофалната сезона кој ја игра нивниот заспан џин, Ибра вети голем пресврт.

„Ги очекувам сите на „Сан Сиро“ и очекувам повторно цел стадион да се крене на нозе како што правевме порано“, во свој стил изјави Швеѓанецот.

Златан веднаш се упати кон клупските простории каде следуваат медицинските прегледи, а потоа и потпишувањето на договорот. Навивачите очекуваат на терен да го видат веќе в понеделник кога Милан ја пречекува Сампдорија, но има најави дека Ибра сепак две недели само ќе тренира и ќе му се стави на располагање на Пиоли дури за натпреварот од Копа Италија протил СПАЛ на 15-ти.

Коментирај