Фудбал

Ибрахимовиќ: Кога би знаеле колку бев повреден, би биле шокирани како воопшто играм

20. ноември 2017 - 19:47 | А.С.

Златан Ибрахимовиќ во саботата заигра против Њукасл и се врати на терен после најтешката повреда во кариерата, скинати лигаменти на коленото.

Иако е во поодминати години за еден фудбалер, снажниот Швеѓанец заздрави побрзо од предвидувањата и отсуствуваше од натпреварите во Премиер лигата само 216 денови.

„Лавовите не заздравуваат исто како луѓето“, рече Ибра по натпреварот на кој прв пат заигра со „десетката“ на Манчестер Јунајтед на неговиот грб.

Менаџерот на „црвените ѓаволи“ Жозе Мурињо одбрани зборови зборуваше како Ибрахимовиќ се трудел да се врати на терен, а Швеѓанецот откри дека повредата му била многу потешка отколку што се претпоставувало во јавноста.

„Кога луѓето само би знаеле каква навистина беше повредата, би биле шокирани како воопшто играм. Тоа беше повеќе од кинење лигаменти, но ќе го задржам тоа за себе. Затоа и одлучив да не зборувам за тоа“, објасни Ибрахимовиќ.

„Не го забрзував заздравувањето. Бев надвор од терен шест и пол месеци. Ги следев распоредот и задачите ги исполнував од ден во ден. Единствената тајна е дека напорно работев, а најблиските знаат дека работев по пет, шест часа на ден“, додаде тој.

Откако се повреди, Ибра во свој стил одговори на шпекулациите дека ја завршил кариерата.

„Крај е кога јас ќе одлучам дека е крај“, рече тогаш и остана доследен на тоа.

„Вниманието ми е насочено само на тоа да се вратам и да се вратам подобар“, додаде Швеѓанецот кој на 3 октомври го прослави 36. роденден.

Коментирај