Фудбал

Ибрахимовиќ: Најмногу ги сакам головите што никој не може да ги повтори

22. септември 2018 - 13:45 | А.С.

Швеѓанецот Златан Ибрахимовиќ уште еднаш упати моќна порака до оние кои го критикувале на почетокот на кариерата и рече дека сите погодоци им ги посветува на оние кои му кажувале дека не знае да постигнува голови.

Ибрахимовиќ неодамна на спектакуларен начин го постигна 500-тиот гол во кариерата, додавајќи уште еден неверојатен и прекрасен погодок во низата сјајни голови и што, како што рече, им ги посветува токму на луѓето кои не веруваа во неговите способности.

„Дојдов од мала земја, играв за големи клубови и навистина е неверојатно да се постигне нешто вакво. Најсмешни ми се оние зборови од почетокот на кариерата кога многумина ми кажувале дека не знам како да постигнам гол. Со оглед на тоа дека имам 500, тогаш значи дека знам како се постигнува гол“, рече Ибрахимовиќ во негов стил.

Потоа Ибра додаде дека особено му се драги оние голови што никој не може да ги повтори.

„Најмногу ги сакам головите што никој не може да ги повтори, сигурен сум дека Л.А. Галакси ќе постигнат уште многу голови, но никој нема да даде голови како моите. Такви голови ги давам само јас“, нескромно рече еден од најголемите шоумени во фудбалот.

Коментирај