Фудбал

Ибрахимовиќ станува крал – Реал Мадрид планира трансфер на моќниот Швеѓанец

22. октомври 2018 - 15:45 | К.З.

Актуелниот европски првак Реал Мадрид летово остана без најдобриот фудбалер, Кристијано Роналдо, а тоа резултираше во огромен пад на ефикасноста. Поради проблемите со реализацијата, раководството на кралскиот клуб реши да го засили нападот со едно многу познато име – Златан Ибрахимовиќ.

Шпанското радио Cadena Cope пренесува дека раководството на Реал Мадрид е силно заинтересирано за трансфер на шведската легенда Златан Ибрахимовиќ, кој во моментов игра за екипата на Лос Анџелес Галакси.

По заминувањето на Кристијано Роналдо, Реал Мадрид се претвори во бледа сенка од тимот кој освои четири титули во ЛШ во период од пет години. Во моментов се наоѓа на седмото место на лигашката табела, а поразот од Леванте викендов го разбуди алармот кај раководството на клубот.

На Реал Мадрид му е потребна напаѓачка сила, тоа е и повеќе од очигледно. Иако 37-годишниот Ибрахимовиќ не е долготрајно решение, сепак може да биде од голема помош за составот до крај на сезоната. Тој игра во сјајна форма во МЛС лигата а она што го прави идеална мета за мадридскиот клуб е фактот што договорот му истекува во јануари, кога се отвора преодниот рок во Шпанија.

Ибрахимовиќ има искуство во шпанската Ла Лига, но во дресот на Барселона – најголемиот ривал на Реал Мадрид. Неговата авантура во каталонскиот клуб не заврши сјајно и по само една сезона направи трансфер во Милан. Причината за трансферот беа лошите односи со тренерот Пеп Гвардиола, за кого Златан нема ниту еден позитивен збор до ден денес.

Коментирај