Фудбал

Ибрахимовиќ: Зголемени се шансите да настапам на Мундијалот во Русија

16. април 2018 - 13:13 | М.Д.

Најдобриот шведски фудбалер Златан Ибрахимовиќ има голема желба да настапи на Светското првенство во Русија, кое се игра ова лето.

Голгетерот на Лос Анџелес Галакси после Европското првенство во 2016 година одлучи да ја заврши репрезентативната кариера, не играше ниту на квалификациите за Мундјалот, каде Шведска во баражот на големо изненадување ја елиминираше Италија, но сега се премисли и сака да настапи на најголемиот фудбалски турнир.

„Шансите да заиграм на Светското првенство се зголемија“, напиша Ибрахимовиќ на својот Twitter профил.

Овој 36-годишен фудбалер се надева дека би можел да добие повик од селекторот Андерсон, кој од порано зборуваше дека Ибрахимовиќ не му е потребен и дури беше изнервиран поради притисокот од јавноста.

Ибрахимовиќ со трансферот од Манчестер Јунајтед во Лос Анџелес направи бум во Америка, на тој начин што уште на дебито постигна два спектакуларни погодоци.

Со 62 гола на 116 настапи тој стана рекордер во репрезентацијата на Шведска.

Шведска го шокираше светот кога ја елиминираше Италија во баражот за Мундијалот, а во Русија ќе игра во група со Јужна Кореја, Мексико и шампионот Германија.

Коментирај