Пред милиони години постоел суперконтинент наречен Гондвана, кој им дозволувал на диносаурусите слободно да се движат меѓу двата континента, Африка и Јужна Америка. Палеонтолозите од Јужниот методистички универзитет (СМУ) открија идентични траги од диносаурус на двете страни на Атлантскиот Океан, што укажува дека Јужна Америка и Африка некогаш биле поврзани.
Пред 120 милиони години, диносаурусите шетале на суперконтинентот наречен Гондвана и оставиле 200 отпечатоци, а во тоа време Гондвана била дел од поголема копнена маса наречена Пангеја.
Тим научници откри отпечатоци од диносауруси на локации кои сега се наоѓаат на два сосема одвоени континенти, имено Бразил и Камерун.
„Со оглед на староста, оценивме дека овие отпечатоци се многу слични. Исто така, истото важи и за геолошкиот контекст и контекстот на тектонската плоча. Што се однесува до формата, тие се речиси идентични“, вели палеонтологот Луис Л. Џејкобс.
Трагите од диносаурусите се откриени во регионот Борборема во Североисточен Бразил и басенот Кум во Северен Камерун. Тие даваат непобитен доказ за копнениот мост што некогаш ги поврзувал двата континента.
Растојанието помеѓу откриените стапалки е повеќе од 6.000 километри, а зачувани се во седиментите на поранешните реки и езера. Додека повеќето фосилизирани отпечатоци биле оставени од тероподи со три прсти, некои можеби биле направени од сауроподи или орнитиши.
Фосилите од полен пронајдени во седиментите на трагите покажуваат дека се стари 120 милиони години. Трагите можат да откријат многу за однесувањето на диносаурусите, од нивниот вид до тоа колку брзо би можеле да трчаат. Овие фосилизирани траги би можеле да им овозможат на научниците да ги реконструираат животите и околината на овие фасцинантни суштества.
Кога Гондвана почнала да се распаѓа, огромниот копнен мост меѓу Африка и Јужна Америка полека исчезнал пред 140 милиони години. Ова предизвикало пукнатини или процепи во Земјината кора. Како што се движече тектонските плочи, магмата се издигнала од внатрешноста на Земјата и создала „нова океанска кора“. На крајот, Јужниот Атлантски Океан ја пополнил празнината меѓу новите континенти.
„Една од најмладите и најтесните геолошки врски меѓу Африка и Јужна Америка била 'лактот' на Североисточен Бразил лоциран покрај денешниот брег на Камерун долж Гвинејскиот Залив. Двата континента биле континуирани по тој тесен дел, така што животните на која било страна од врската би можеле потенцијално да се движат над него“, рече Џејкобс.
Интересно, отпечатоци од диносауруси се пронајдени во области со полу-грабенски басени, кои се геолошки структури формирани за време на процепувањето. Овие басени содржат флувијални и езерски седименти, кои обезбедуваат докази за големи геолошки настани во регионот.
„Растенијата биле храна за тревопасните животни и го поддржувале синџирот на исхрана. Калливите седименти што ги оставаат реките и езерата содржат отпечатоци од диносауруси, вклучувајќи ги и оние што ги оставиле месојадите, што сугерира дека овие речни долини можеби обезбедувале специфични патишта низ континентите пред 120 милиони години“, заклучи Џејкобс.