Наука

Идните руски мисии кон Месечината ќе полетуваат од космодромот Васточни

17. мај 2017 - 17:24 | Макфакс

Сите планирани мисии во рамки на руската програма за истражување на Месечината ќе бидат лансирани од космодромот Васточни на рускиот далечен исток, изјави денеска директорот на руската компанија „Лавочкин’, Сергеј Лемешевски.

„Донесена е одлука комплетната програма на летови за Месечината да почнува на космодромот Васточни“, рече Лемешевски.

Асоцијацијата за истражување и производство „Лавочкин“ е државна руска компанија, а меѓу другото, работи на развој на сателити што ќе кружат околу Месечината.

Првата мисија ќе се вика „Луна глоб“ и требаше да почне кон крајот 2019 година, рече директорот на „Лавочкин“.

Руската вселенска програма предвидува проектот „Луна глоб“ да биде продолжение на претходните руски мисии на Месечината. Последната таква истражувачка мисија беше „Луна 24“, во 1976 година, кога летало лансирано кон Месечината донесе на Земјата примероци од Земјиниот природен сателит.

Во рамки на проектот „Луна глоб“ ќе биде лансирано летало без човечки екипаж што треба да го истражи Јужниот Пол на Месечината. Тоа ќе собира податоци и ќе ги испраќа на Земјата.

Последната фаза од проектот предвидува испраќање на автоматизирана вселенска станица „Луна грунт“, која ќе има систем за собирање примероци од Месечината и нивно испраќање на Земјата за испитување. 

Коментирај