Кошарка

Играчите гласаа: Вестбрук и Грин се најпреценети, Харден за МВП

9. април 2019 - 10:14 | К.З.

Кошаркарите од НБА лигата вчера гласаа за нивните колеги во неколку различни категории, меѓу другото и за најпреценет играч, МВП на сезоната и најдобар одбранбен играч. Резултатите во некои од категориите се и повеќе од очекувани, иако кошаркарите ни понудија неколку изненадувања.

Дрејмонд Грин и Расел Вестбрук се најдоа на делба на првото место на вчерашното гласање за Најпреценет играч во НБА лигата. Оваа „титула“ им ја дадоа нивните колеги, кои гласаа за повеќе категории.

Грин и Вестбрук добија по 17% од вкупните гласови и со тоа се позиционираа на првото место на листата најпреценети играчи. Веднаш зад нив се најде поранешното трио на Минесота Тимбервулвс – Џими Батлер, Ендру Вигинс и Карл-Ентони Таунс, кои добија по 6,3% од гласовите. На спротивната страна од спектарот, 16,3% од играчите сметаат дека плејмејкерот на Њу Орлеанс Пеликанс, Џру Холидеј, е најпотценетиот играч во лигата.

Во гласањето за МВП на сезоната, дури 44,3% од играчите сметаат дека оваа награда треба да ја понесе Џејмс Харден, иако фаворит за освојување и понатаму е Јанис Антетокунмпо. Затоа пак, во гласањето за играч кој прв би го потпишале во својот тим, играчите го одбраа Јанис со 36,4% од гласовите.

На дефанзивната страна на теренот, професионалците сметаат дека убедливо најдобар (30,3% од гласовите) е Кавај Ленард, а огромни 77,1% од нив го одбраа Кајри Ирвинг како најдобар дриблер со топката.

Коментирај