Архитектура

IKEA работи на роботски мебел дизајниран за мали простории

6. јуни 2019 - 14:53 | К.З.

Во модерното време кога просторот станува сѐ поголем луксуз, а барањата сѐ поголеми, IKEA се обидува до максимум да ја искористи технологијата која ја има на располагање за да креира нов, современ мебел кој ќе одговори на потребите на купувачите.

IKEA заедно со американскиот стартап ori работи на роботски систем на мебел кој ќе биде наречен ROGNON.

Тој е дизајниран за луѓе кои живеат во мал простор и се контролира преку дисплеј кој работи на допир и може да се лизга низ просторијата за да ја подели на две посебни места за живеење. Во него е вклучен кревет, биро и кауч, кој може да се извлече кога ќе има потреба од тоа.

ROGNON е систем на мебел кој ги комбинира модуларните плакари на IKEA наречени PLATSA со роботската платформа на ori. Всушност тој е едно големо решение за складирање на мебел составен од повеќе делови, обликуван во Г-форма и од него можат да се извлекуваат и вадат парчиња мебел, по потреба. За да биде поподвижен, има долна шина веднаш под него за да може да се движи низ просторијата.

„Повеќе и повеќе луѓе живеат во пренаселени градови бидејќи сакаат да бидат дел од глобалната урбанизација“, стои во официјалната изјава од IKEA.

За да го реши тој проблем, IKEA работи на паметно решение кое ќе обезбеди долготрајно решение на проблемот со недостаток на простор во домот. Од компанијата велат дека ова решение претставува одговор, а не компромис на проблемот, и тврдат дека кога ќе се појави на пазарот неговата цена ќе биде достапна за повеќето корисници од средната класа.

Коментирај