Свет

Или во мојот авион или пешки - „low cost“ повеќе не е ефтин

23. јуни 2018 - 10:05 | МИА

Ryanair, Eurowings, Wizz... Ги викавме low cost или „ефтини“ авио-превозници. И иако тие сѐ повеќе го освојуваат небото над Европа, сѐ подалеку се од тоа да останат ефтини. Дури иако нивната услуга по правило остана ефтина.

На небото над Германија се повеќе доминираат „ефтини“: Речиси третина летови се линии на така наречени low cost авио-превозници.

Секоја недела од германските аеродроми полетуваат 4.850 нивни авиони, 1.200 повеќе од минатата година. Тоа значи дека за 35 отсто пораснал бројот на патнички места во нивните авиони, а речиси за четвртина има повеќе одредишта на кои со нив може да се одлета. Во исто време, удвоен е бројот на такви прекуокеански летови - од 92 линии во зимата минатата година, на 182 линии оваа зима.

Меѓутоа, истражувањата што ги спроведе германскиот Центар за авио-сообраќај и вселенски летови (ДЛР) меѓутоа покажува дека патниците имаат се помалку корист од таквиот начин на лет.

Поскапи, но „вистински“ одредишта

На прво место би требало да биде цената, но картите за апсолутно сите такви превозници во меѓувреме поскапеа. Најефтин е унгарскиот Wizz, но и тој во просек поскапе од 44 на 53 евра по лет, вклучувајќи ги и таксите. Уверливо и далеку најскап е германски Eurowing, чии карти поскапеа во просек од 105 на 117 евра по лет. Втор е Ryanair чија просечна цена на карти од 54 минатата, порасна на 79 евра оваа година.

Во анализата на ДЛР, поскапувањето се толкува и со „објективни фактори“: По периодот н ефтина нафта, цената на керозинот порасна. Скокот на цените, меѓутоа, пред се е последица на промена на деловната стратегија. Ryanair, на пример, беше познат по тоа што лета од локални аеродроми, често сместени во длабоки недојдии – добар пример е аеродромот Франкфурт Хан, који од главниот аеродром во Франкфурт е оддалечен дури 125 километри. Сега, меѓутоа, „ефтините“ се повеќе полетуваат од главните аеродроми во Германија – од „вистинскиот“ Франкфурт, Минхен или аеродромот Келн/Бон. Деловната логика е јасна: Таму се патниците и таму сакаат и да одат. А иако се таксите повисоки, авионите полесно се пополнуваат.

Или во мојот авион, или пешки!

Уште еден проблем е монополот: од вкупно 6.520 линии на low cost компании, за дури 5.683 практично нема алтернатива односно на таа линија не лета никој друг. Таквата положба на превозниците им овозможува да ја диктираат и цената, но и (скромниот) квалитет на услугите. Инаку, на само 751 линија постои уште еден превозник што лета на иста дестинација, а на само 86 линии може да се бира меѓу три или повеќе превозници –  тоа се разбира се најпопуларните дестинации како Лондон, Даблин или летувалиштата во Шпанија.

Причината за преселување на главните аеродроми се и деловните патници, се поважен сегмент на „ефтините“  превозници. За таквите патници, кои не плаќаат карта од сопствениот џеб, low cost компаниите нудат цел спектар „дополнителни услуги“ кои често се многу скапи – одличен пример секако е „Хепи Снек“ на Eurowings.

И иако упорно ја шири мрежата на линии, најголемиот германски „ефтин“ превозник – Eurowings, ќерка-фирма на Lufthansa, се најде на почетокот од ова лето на удар на жестоки критики, токму поради катастрофалниот однос кон своите патници. Некогаш можеби повремено и доцнеле, но од средината на јуни тие доцнења се зголемија на часови, па дури и на денови. Имено, десет од 77 авиони, кои Eurowings ги доби со аквизиција на Air Berlin, требаше веќе да почнат да летаат, но нив едноставно ги нема. Од Lufthansa велат дека станува збор за „минливи технички проблеми во регистрацијата“ – што и да значи тоа.

Eurowings секако е добар пример за тоа колку „ефтините“ авио-превозници по секоја цена сакаат да бележат раст. Но за патниците - тоа не мора да биде добра вест.

Коментирај