Пожарот во катедралата Нотр Дам во Париз е ставен под контрола во 3 часот утрово, по осумчасовната борба со огнената стихија, соопшти противпожарната служба на Париз.
Огнот што изби во раните вечерни часови во познатата Богородична црква во Париз брзо се распламти, ја зафати главната кула, која потоа се урна, а набрзо и целиот покрив.
Пожарникарите успеаја да спречат уништување на главната камбанарија и се обидоа да спасат религиозни реликвии и непроценливи уметнички дела.
Илустрацијата на архитектката и уметница Кристин Коре Фрејле на која Квазимодо од романот „Ѕвонарот на Богородичната црква во Париз“ на Виктор Иго ја прегрнува катедралата, го обиколи светот кој заедно ја жали оваа огромна загуба.
Колективната тага за оштетувањето на овој споменик на светското културно наследство ги зафати социјалните мрежи, каде се огласи и Фрејле, која сега живее во Еквадор.
Илустрацијата доби над 100.000 лајкови на Instagram и е вирално споделувана на сите социјални мрежи и во мас медиумите.
„Ова го нацртав поради сѐ што се случува сега. Целиот свет сега вака се чувствува“, рече таа.