Фудбал
КВАЛИФИКАЦИИ ЗА СВЕТСКО ПРВЕНСТВО 2022

Импресии по дуелот со тимот на Ким Џонг Ун: Добро е што се вративме дома

17. октомври 2019 - 10:32 | Ф.З.

Ѕвездата на Тотенхем од Јужна Кореја имаше авантура во Северна Кореја каде неговата репрезентација играше квалификациски натпревар, а тој е задоволен што безбедно се вратил дома и неповреден.

Сон Хјон-мин можеби е најголемата ѕвезда која некогаш дошла да игра фудбал во Северна Кореја. Тоа се случи во вторникот кога во квалификациите за пласман на Мундијалот 2022 во Катар Северна Кореjа ја пречека Јужна Кореја во натпревар кој заврши без голови.

„Натпреварот беше крајно агресивен, до тој степен што мислам дека е огромен успех самиот факт што безбедно се вративме дома и притоа не заработивме некоја повреда“, вели Сон за импресиите од кореанското дерби во земјата на мистериозниот лидер Ким Џонг Ун.

Стадионот „Ким Ил Сан“ во Пјонгјанг беше затворен за публика, но Сон се пожали дека пцовки кон него и неговите соиграчи не изостанале, бидејќи доаѓале токму од противничките фудбалери.

„Имаше многу тешки пцовки упатени кон нас“, рече тој.

Тоа беше прв натпревар помеѓу двете Кореи игран на севернокорејско тло по цели 29 години.

Коментирај