Наука

Индија ќе лансира сопствена вселенска станица

17. јуни 2019 - 12:54 | К.З.

Амбициите на Индија за истражување на вселената се зголемуваат од година во година, а последните најави велат дека оваа земја сака да воспостави трајно присуство во Земјината орбита. Индијците се подготвени во иднина да лансираат вселенска станица.

Шефот на индиската организација за истражување на вселената, Кајласавадиву Сиван, ги откри плановите за лансирање на вселенска станица „околу 2030 година“.

Планот предвидува лансирање на релативно мала станица во која астронаутите ќе можат да останат само околу 15-20 дена, но сепак ќе биде доволна за истражување и вршење на експерименти. Сиван изјави дека Индија не сака да зависи од друга земја кога е во прашање истражувањето на вселената.

Повеќе детали за станицата ќе бидат познати по 2022 година, кога Индија ќе ја испрати првата мисија во вселената со човечки екипаж. Во моментов фокусот на индиската вселенска организација е ставен на беспилотната мисија на лендерот кој би требало да биде лансиран на 15 јули.

Ако сѐ оди според планот, ова ќе ја направи Индија дел од ексклузивен клуб на земји. Освен партнерските земји кои имаат пристап до Меѓународната вселенска станица, само Кина, Русија и САД имаат сопствени орбитални домови. Плановите се доказ дека Индија има намера да ги стигне „ривалите“ во трката за истражување на вселената.

Коментирај