Фудбал

Инфантино: ВАР технологијата го направи Мундијалот подобар

14. јули 2018 - 8:04 | К.З.

Позитивна атмосфера владее во ФИФА во текот на целото Светско првенство во Русија, а претседателот Џани Инфантино не можеше да ја задржи радоста поврзана со ВАР технологијата, која за првпат беше употребена на едно големо репрезентативно натпреварување.

Инфантино претходно нагласи дека ова е „најдоброто првенство досега“ и дека тоа помогнало да се смени перцепцијата за Русија во јавноста, но сега тој отиде чекор понатаму и го искажа неговото мислење за најконтроверзниот новитет во фудбалот – ВАР технологијата.

„Никој не прашува како работи, што значи дека луѓето се подготвени да го прифатат како дел од новиот фудбалски свет“, рече Инфантино за ВАР системот.

Тој е голем заштитник и поборник за ВАР технологијата, па никогаш не пропушта шанса да ја спомене. Според него, фактите кои ги нуди статистиката за ВАР системот се доволни за луѓето да се убедат дека тоа го менува фудбалот кон подобро.

„Во текот на Светското првенство ВАР системот беше употребен во 440 ситуации и беа направени 19 прегледи на снимките на 62 натпревари, од кои 16 пати одлуката беше променета. Кога велам ‘променета’ мислам на ‘исправена грешка’. ВАР го прави фудбалот почист, го прави транспарентен и чесен, па затоа го направи и ова првенство подобро“, додаде Инфантино.

Претседателот на ФИФА тврди дека головите постигнати од офсајд позиции се веќе минато и ВАР ќе ги елиминира во потполност, додека за другите судиски грешки треба да се работи дополнително.

Како што стојат работите, ќе треба да се навикнеме на ВАР технологијата, бидејќи таа е тука за да остане. Поголемите првенства веќе ја прифатија и во наредните неколку години таа ќе се користи насекаде низ светот.

Коментирај