Фудбал
ЗИМСКИ ТРАНСФЕР ПЕРИОД 2020

Интер гламурозно го претстави Ериксен, како Џејмс Бонд

28. јануари 2020 - 15:25 | Ф.З.

Данецот стави потпис на договорот и од денеска официјално е нов играч на Интер, гламурозно претставен.

Како Џејмс Бонд, 27-годишниот Данец доби гламурозно претставување од миланскиот клуб. Првите кадри од новиот играч на „нераѕурите“ се појавија од Театро дела Скала, позирајќи како Џејмс Бонд. Ова е првпат оваа позната оперска куќа да биде користена на ваков начин за што Интер морал да бара посебна дозвола од градоначалникот Џузепе Сала.

„Едвај чекав да пристигнам, прекрасно е да се биде тука и сум среќен штом сум нов играч на Интер. Многу сум емотивен и едвај чекам да ги запознаам навивачите, веќе имав можност да го слушнам нивно топло добредојде, беше фантастично“, беа првите зборови на Ериксен како играч на Интер.

Ериксен го одбра бројот 24, но не во чест на Коби Брајант. Причината е друга: во Тотенхем носеше 23, а 24 симболизира одење чекор напред во кариерата.

Со Интер потпиша 4 и пол-годишен договор, односно до јуни 2024 година. За трансферот Тотенхем доби 20 милиони евра. Ериксен е засилувањето во средниот ред кое Антонио Конте одвај го чекаше.

За Тотенхем играше 6 и пол сезони, а таму дојде од Ајакс. За репрезентацијата на Данска има одиграно 95 натпревари со постигнати 31 гол. Настапи на Мундијалите во 2010 и 2018, како и на ЕУРО 2012, а треба да игра и на претстојното ЕУРО.

Коментирај