Италијанските клубови Интер и Милан немаат намера да се согласат со планот за реновирање на стадионот „Џузепе Меаца“ во населбата Сан Сиро, но немаат презентирано алтернативен план, пишува La Gazzetta dello Sport.
„Нераѕурите“ и „Росонерите“ не се за проектот WeBuild, промовиран од локалните власти и градоначалникот Џузепе Сала, кој вклучува реновирање на постоечкиот стадион за Европското првенство во 2032 година.
Има неколку потенцијални причини за ваквиот однос на миланските клубови, а една од нив се трошоците и влијанието врз бројот на навивачи при евентуалното изведување на работите.
La Gazzetta dello Sport наведува дека Интер и Милан претпочитаат да изградат нов стадион во близина на локацијата на „Меаца“, но моментално нема конечни планови.
Доколку се донесе одлука за изградба на нов стадион во миланската населба Сан Сиро, веројатно ќе поминат години пред да се постават темелите, главно поради административни и бирократски причини.