Италијанскиот шампион не успеа да врзе две победи по ред ремизирајќи кај Торино, додека каталонскиот гигант се наоѓа во серија од 4 последователни победи откако синоќа ја среди Осасуна.

Откако минатото коло Интер го прекина постот без победа торпедирајќи ја Салернитана со 5:0, синоќа не успеа да почне низа победи откако едвај преживеа на гостувањето кај Торино.
Домашните уште во 12. минута поведоа преку бразилскиот дефанзивец Бремер кој начека една топка по мешаница по корнер.
Интер се мачеше, едвај создаваше шанси, а кога сите помислија дека ќе претрпи нов пораз на сцена стапи резервистот Алексис Санчес со израмнувачки погодок во 3. минута од судиското надополнување.
Со овој кикс Интер падна на 3. место на табелата од Серија А каде со 59 бода е зад Наполи (60) и лидерот Милан (63). „Нераѕурите“ имаат и натпревар помалку.
Барселона дојде до четвртата последователна победа откако синоќа ја декласираше Осасуна со 4:0. Уште во првите половина час игра Каталонците постигнаа три од головите и ја најавија победата.
Се почна со реализираниот пенал на Феран Торес во 14. минута, а потоа истиот играч во 21. минута го дуплираше водството. Во 27. минута Пјер-Емерик Обамејанг зголеми на 3:0 на проигрување од Усман Дембеле. Конечниот резултат го постави Рики на 15 минути пред крајот.
Ова е четврта победа во низа за Барса која претходно ги совлада и Валенсија (4:1), Атлетик (4:0) и Елче (2:1).
Со 51 бод Барса е на делба на 3. место со Атлетико и има 5 бода помалку од второпласираната Севиља од која има и натпревар помалку.