Скопје по 16-ти пат ќе биде домаќин на Филозофскиот филмски фестивал чија богата програма годинава ќе може да ја проследите меѓу 21 и 28 мај во Младинскиот културен центар. Оваа година се инспирираат од моменталниот контекст и констатираат: Слобода во слободен пад.
Објавувањето на програмата за 16. ФФФ беше одличен повод да поразговараме со Ана Дишлиеска-Митова, долгогодишна директорка на фестивалот што е единствениот од ваков вид во земјата. Таа е еден од основачите на фестивалот, кој започна како студентски сон, а денес прерасна во значаен културен настан кој го носи филозофскиот и филмскиот дух во срцето на Европа. Дишлиеска-Митова е селекторка на Селекцијата за есеј-филмови за годинашното издание и од таа перспектива објаснува како се избрани дела што го истражуваат прекинот помеѓу интимното и колективното, влијанието на архивите и личните мемории, како и присуството на автори во егзил и бикултурни приказни. Допираме и до прашањата за трансформацијата на фестивалот низ годините, позицијата на есеј‑киното во програмата, и специфичностите што ја прават оваа форма „демократска“ и достапна. Посебно внимание се посветува на женските перспективи и на тоа како современите есеј‑филмови ги предизвикуваат доминантните наративи.
Како критериумите за селекција на есеј-филмовите во ова издание ја истакнуваат тензијата меѓу личната интроспекција и колективната меморија, и кои нови хоризонти отвораат тие во есеистичкото кино?
Оваа година, селекцијата на есеј-филмови на ФФФ го има своето трето издание, најмлада од трите официјални селекции на фестивалот, но единствената којашто и не е од компетитивен карактер (можеби и со причина). Критериумите за селекција и на оваа програма се истите коишто се и беа во основата на овој фестивал, еден од ретките и во Европа и во светот по својата специфика – истражувањето на синергијата меѓу филозофијата и филмот. Тоа се: уметничкиот квалитет, критериум којшто е основа на секој фестивал, но и филозофската релевантност, она што ја претставува онаа differentia specifica на нашиот фестивал и неговиот raison d’être.
Есеистичката пракса, ако можеме да ја наречеме така, токму поради своите природа и форма отсекогаш претставувала допир на (нај)личното и колективното (универзалното). Преку една субјективна, интимна, лирска експресија, обид да се дофатат универзални, хуманистички, но и метафизички теми.
И како селектор на фестивалот, но и како негов основач и директор во првиот дел од приказната на ова заедничко патување, верувам дека токму есеј-филмот е еден од најинтересните крстопати за истражување на синергијата меѓу филозофијата и филмот, но и една, ако можам да се изразам така, навистина „демократска“ форма на филмски израз којашто може и со скромни средства и техника да биде пошироко достапна и да овозможи да се слушнат гласовите и на оние чиишто гласови, во лавиринтот на филмската индустрија, честопати тешко можат да се слушнат. А, верувам, секаде каде што има субјект, потенцијално има и глас.
Во колкава мера програмата на есеј-филмовите ги рефлектира глобалните копродукции и мултикултурни наративи, и зошто токму тој избор ја зајакнува филозофската длабочина на селекцијата?
Селекцијата на есеј-филмови секако е одраз и рефлексија на еден свет во постојано движење. Свет во којшто и поединците и идеите се во константен флукс, а дијалогот меѓу различни наративи, култури и форми на живот е неизбежен. А дијалогот е токму она што отсекогаш се наоѓало во центарот на овој фестивал, но и во центарот на филозофијата во нејзината најдобра смисла. Дијалог со филмските дела, дијалог со филозофските идеи, дијалог меѓу нас, како луѓе, како жители на овој заеднички свет. Кај есеј-филмовите оваа година го гледаме токму овој спој, преку автори во егзил, автори коишто работат меѓу две земји/два света, автори со бикултурни или мултикултурни идентитети, автори од светско реноме, но и автори со локални и интимни приказни коишто можат да имаат ехо во еден многу поширок контекст. Бидејќи, на крајот на денот, она навидум најличното, може да биде и најуниверзалното, она што нè прави луѓе и нè поврзува со милиони други луѓе, навидум различни а сепак слични.
А, токму оваа тензија во трагањето по еквилибриумот на личното и колективното е она што ја дава филозофската длабочина на една ваква селекција.
Како еволуцијата на Филозофскиот филмски фестивал во Скопје низ годините влијае врз позиционирањето на есеј-филмовите како (централна) категорија во програмата за 2026 година?
Филозофскиот филмски фестивал си ја гради својата приказна во Македонија повеќе од една деценија, а есеј-филмовите беа едно природно, „органско“ продолжување на она што беше визија на фестивалот безмалку од самите негови почетоци. Единствено, потребно беше да се создадат вистинските предуслови за да може да се замисли еден ваков простор во нашата земја бидејќи оваа селекција е единствената од ваков тип во Македонија. Во оваа смисла, ФФФ е пионер и во земјата и во регионот со дел од својата кураторска визија низ годините, но и најстариот фестивал во Европа којшто го истражува овој извонредно богат меѓупростор на филозофијата и филмот. Но, не би рекла дека програмата на есеј-филмови ја позиционираме како централна категорија на Филозофскиот филмски фестивал. Таа е подеднакво значаен дел од приказната на ФФФ и еден преглед на она што е филмска продукција во изминатата година (или две), само можеби со есеј-филмовите и во една почиста, „подестилирана“ форма. Тука, на идеите, честопати, ненужно им е битна (некаква) приказна или ликови коишто ќе ги водат. Нешто што честопати бара и поинаков тип на фокус од страна на публиката. Но, истовремено, поради извонредната разноликост и (технички) можности коишто ги нуди оваа филмска пракса, можеби таа е и најпогодна за еден обид/скок токму во областа на филмот, и не само за оние коишто истражуваат во областа на филозофијата и/или хуманистиката воопшто.
Во контекст на женскиот поглед во филозофското кино, како вашата селекција ја осветлува женската перспектива во есеј-филмовите, особено преку автори и теми што ја предизвикуваат традиционалната доминација на машкиот наратив?
Без некој план и програма, оваа година селекцијата на есеј-филмови се случи да е доминирана од авторки, авторки коишто доаѓаат од повеќе страни на светот, а коишто нудат еден специфичен поглед - и светоглед - кој ја прави формата на есеј-филмот уште поинтересна и попотентна во однос на она што може да го пренесе и искаже. Во селекцијата ќе видиме филмови-патописи („Слободна верност“, „Сина планина, бел облак“), есеј-филмови базирани на архивски материјали - филмски архиви („Ноќните цвеќиња на Дарја“), но и лични архиви на фотографии („Градот на поетите“, „Постојан центар на гравитација“), еден луциден микро-есеј експеримент („Ќе се разбудам кога ќе се наспијам“), но и полифонична ода против законите на симплификацијата („Вишок живот (и распаѓање)“).
И низ сите овие различни естетики, лирики и можни текови на свеста, она што веројатно го наоѓаме во нивната основа е еден крик за враќање (прегрнување) на комплексноста, отворање кон еден автентичен дијалог со Другиот (кој, во суштина, никогаш не е навистина „Друг“), кон една искрена рефлексија или, ако сакате, медитација, со самите себеси. И, можеби, но само можеби, нешто од ова е токму централно за „женскиот поглед“ и претставува едно предизвикување на постоечките наративи, или нивно нужно збогатување со теми или пристапи коишто, неоправдано, честопати, се превидувани во филмската индустрија.
И токму поради ова, но и со надеж дека оваа селекција можеби ќе инспирира или мотивира некого да му допушти простор на својот уникатен глас преку есеј-филмот, ве поканувам најтопло да ја откриете селекцијата на есеј-филмови (27. мај, 21:00), но и другите селекции на овогодишниот 16. ФФФ, од 21-28 мај во МКЦ. Ново место, но истата љубов и енергија.