Книгата „Краток вовед во толкувањето“ од д-р Наталија Орлиќ во издание на „Фуснота“ ќе биде промовирана на 4.6.2026 г. со почеток во 12ч. во Библиотеката за македонска книжевност на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ – Скопје. Разговорот со авторката за книгата ќе го води уредничката Драгана Евтимова, дизајнот на корицата го изработи Мите Спасовски, а книгата е објавена со финансиска поддршка од Министерството за култура и туризам на Република Северна Македонија.
Првото издание на книгата „Краток вовед во толкувањето“ излегува во Љубљана, 2024 год. со поднаслов „Прирачник за практична работа“ во издание на Филозофскиот факултет во Љубљана. Во 2025 година книгата се издава во Подгорица, Црна Гора и во 2026 година излегува како проширено издание на македонски јазик, во кое за првпат пред идните и сегашните преведувачи односно толкувачи имаме практичен прирачник за толкување.
Разговаравме со д-р Наталија Орлиќ, која освен што прави поделба на толкувањето, детално ги анализира сите техники и фази на толкување, како и карактеристиките на толкувањето за заедницата, воведува преведувачки пристапи како новитети во преведувачето на светски рамки, одделно се занимава за толкувањето за деца и толкување за групи, а на крајот од книгата нуди корисни совети во корист на преведувачот односно како самите да си помогнеме при преведувањето, професионалноста на личноста што работи како толкувач, но и за настанот на толкување.
Д-р Наталија Јовановиќ Орлиќ е родена во Скопје и уште од најраното детство, растејќи во повеќејазична средина, покажува исклучителна љубов кон јазиците и комуникацијата, а својата природна дарба ја развива активно говорејќи повеќе јазици уште од најмала возраст. Таа е дипломиран филолог по македонски јазик со српскохрватски јазик на Катедрата за македонски јазик при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, а паралелно студира и словенечки јазик на Универзитетот во Љубљана. На Филозофскиот факултет во Љубљана докторира на тема „Функционалност на меѓујазичкото посредување од подрачјето на меѓународната заштита и миграциите“.
Нејзиниот докторски труд претставува пионерско дело во оваа област во Словенија и прво емпириско истражување, кое систематски ја разгледува функционалноста на преводите и толкувањата во контекст на меѓујазичкото посредување. Со тоа отвора нови научни перспективи, прашања и предизвици за понатамошни истражувања во областа на толкувањето, миграциите и меѓукултурната комуникација. Уште од студентските денови активно работи како преведувач и толкувач. Денес дејствува како конференциски толкувач, судски толкувач и толкувач за заедницата, со особен фокус на толкувањата за истражните и полициските органи - област со која активно се занимава и академски и како лектор по толкување на Филозофскиот факултет при Универзитетот во Марибор.
Во Вашата книга ја нагласувате улогата на толкувачот како „интеркултурен посредник“. Како во пракса изгледа таа посредничка улога во ситуации каде што културните норми или очекувањата се конфликтни, и кои вештини, според Вас, се клучни за да се одржи довербата меѓу страните?
Јазикот и културата се мошне тесно поврзани; јазикот е и одраз на една култура. Затоа толкувачот не посредува само меѓу два јазика, туку и меѓу два културни и комуникациски системи. Тој мора да има увид во сите нијанси на значењето на пораката. Во пракса тоа значи дека треба да препознае кога одредена порака, иако јазично точно пренесена, може да биде погрешно разбрана поради различни културни норми, вредности или очекувања. Интеркултурното посредување не е поврзано само со јазикот, туку и со разбирањето на културните модели и вредности. Во таа смисла корисен е и моделот на културни димензии на Хофстеде, кој укажува на разлики во односот кон авторитетот, индивидуализмот и колективизмот, прифаќањето на неизвесноста и општествените улоги.
Толкувачот не е културен советник, но мора да препознае кога културните разлики влијаат врз разбирањето на пораката. Токму затоа неговата улога често е поширока од пренесување зборови: тој овозможува двете страни да го разберат значењето на кажаното во неговиот културен и општествен контекст.
На пример, во некои култури директниот контакт со очи се смета за знак на искреност, додека во други може да се доживее како непочитување. Тоа го менува тонот на пораката, начинот на кој таа се разбира и, последично, исходот на комуникацијата. Тука зборуваме за илокуциската и перлокуциската сила на пораката, кои се силно културно обележани. Во разни постапки сум се сретнувала со ситуации во кои службеникот однесувањето на лицето го толкувал, на пример, како неискреност, а всушност станува збор за културна разлика. Токму поради тоа толкувачот мора да поседува не само одлични јазични компетенции, туку и интеркултурна чувствителност, способност за активно слушање, професионална етика и добра проценка кога е потребно културолошко појаснување. Најважно е притоа да ја зачува неутралноста и довербата на сите учесници во комуникацијата.
Пишувате дека квалитетното толкување бара „длабоко разбирање на контекстот, човекот и ситуацијата“. Можете ли да дадете конкретен пример од вашето искуство каде што културолошкиот контекст значително ги променил изборите на толкувачот и исходот на комуникацијата?
При толкувањето потребно е да се земе предвид од која култура доаѓа одредена личност, да се „влезе“ во нејзиниот свет и да се разбере, или барем да се осознае нејзиното разбирање на светот. Само така може верно да се пренесат чувствата, разбирањата, размислувањата, вредностите и менталните состојби што лицето ги опишува во одредена постапка, без тие да бидат нарушени од сопствената култура, вредности и референтната рамка на толкувачот.
Во практиката е забележан пример од постапка за меѓународна заштита во која машко лице, припадник на култура со изразена маскулинска димензија според Хофстеде, опишувало како се чувствувало за време на нападите врз него. Лицето зборувало за вознемиреност, анксиозност, забрзано чукање на срцето и слични состојби. Толкувачот го прашал дали, всушност, сака да каже дека му било страв.
Со тоа прашање лицето е ставено во многу тешка положба. Ако каже дека се плашело, тогаш треба директно да го изговори она што, според неговата култура, може да биде во спротивност со претставата за машкост. Ако, пак, за да ја зачува таа машкост, каже дека не му било страв, се отвора простор за прашањето: ако не му било страв, зошто бара заштита? Така, со едно културно несензибилно прашање, лицето се става во положба во која е губитник без оглед на тоа што ќе одговори. Тоа не смее да се случи.
Во праксата често се среќаваме и со лица кои доаѓаат од сосема различни општествени и правни системи. Еден чест пример е различното разбирање на времето и датумите. За европските институции точната хронологија на настаните е исклучително важна. Но кај лица што доаѓаат од средини, каде што не се води формална евиденција или каде што времето се определува според верски празници, сезони или значајни настани, очекувањето за прецизни датуми може да создаде недоразбирања.
Во такви ситуации улогата на толкувачот не е да пополнува празнини или да објаснува наместо соговорникот, туку да помогне комуникацијата да биде разбрана во вистинскиот контекст. Кога институциите го разбираат овој контекст, квалитетот на интервјуто значително се подобрува, а ризикот од погрешни заклучоци се намалува.
Книгата е практичен прирачник за толкување во сите негови форми. Како мислите дека современите образовни програми треба да ги прилагодат наставните планови, за да ги подготват младите преведувачи/толкувачи за овие разновидни улоги?
Традиционално, образованието на преведувачите и толкувачите е насочено пред сè кон јазичните компетенции. Денес тоа повеќе не е доволно. Современите програми треба да ги вклучат основите на ефикасната интеркултурна комуникација, правните и институционалните системи, професионалната етика, психологијата на комуникацијата, техниките на толкување, техниките на интервјуирање, работата со ранливи групи, дигиталните технологии и други релевантни области. Исто така, неопходно е студентите да стекнуваат практично искуство преку симулации и работа на реални случаи.
Можеме да кажеме дека физичарите работат во полето на физиката, лекарите во медицината итн. Толкувачите, меѓутоа, работат во сите тие области: во медицина, право, криминалистика, образование, социјална заштита, меѓународна заштита и многу други контексти. Затоа толкувачот треба да има барем основни знаења од различни работни подрачја, за да биде подготвен да дејствува во многу различни комуникациски средини.
Со оглед на вашето академско и практично искуство во областа на толкувањето во контекст на миграции и меѓународна заштита: кои се најголемите етички и професионални предизвици со кои се соочуваат толкувачите во овие области и како младите професионалци можат да се едуцираат и заштитат себеси и корисниците?
Најголемите предизвици произлегуваат од фактот што овие постапки директно влијаат врз човековите права и животните судбини на луѓето. Толкувачот често работи со лица кои доживеале војна, прогон, насилство или траума. Мора да постои јасна свесност за последиците од неадекватното толкување. Ако, на пример, поради неквалитетно толкување некој биде осуден на казна затвор од 20 години наместо на 5 или 10 години, последиците се огромни. Такви примери се познати и во стручната литература. Затоа толкувачот носи голема професионална и етичка одговорност. Професионалниот предизвик е да се обезбеди точен, целосен и верен пренос на информациите, без додавање, изоставување или самоволно интерпретирање на содржината. Етичкиот предизвик е да се остане непристрасен и професионален, дури и кога приказните се емотивно тешки.
На младите професионалци би им препорачала континуирана едукација, добро познавање на професионалните кодекси на етика, редовна супервизија и грижа за сопственото ментално здравје. Добриот толкувач не се грижи само за квалитетот на комуникацијата, туку и за сопствената професионална отпорност, бидејќи само така може долгорочно да ја заштити и својата улога и корисниците на услугата.
Изборот на кариера секогаш е важно прашање, особено за младите. Колку според Вас припадниците на помладите генерации ја гледаат толкувачката/преведувачката професија како привлечна, кои пречки сметате дека ги одвраќаат, и што би им порачале за реалните можности и патеки за развој?
Мислам дека младите денес ја гледаат професијата поинаку од претходните генерации. Од една страна, глобализацијата, мобилноста и дигиталните технологии отвораат нови можности за работа. Од друга страна, појавата на машинскиот превод и вештачката интелигенција создава впечаток дека улогата на меѓујазичниот посредник ќе стане безначајна. Јас сметам дека е токму спротивното. Колку повеќе технологијата напредува, толку поважни стануваат човечките вештини: критичкото размислување, интеркултурното разбирање, етичкото расудување и способноста за комуникација во сложени и чувствителни ситуации.
На младите би им порачала дека ова е професија која нуди многу различни патеки: од книжевен превод, конференциско и судско толкување, до работа во меѓународни организации, јавни институции, образовни, здравствени и социјални установи. За оние што сакаат јазици и работа со луѓе, можностите се навистина големи.
Која е една или две навики или принципи што би им ги препорачале на младите преведувачи/толкувачи како „непишано правило“ за градење долгорочна и етичка кариера?
Првото непишано правило е: никогаш не престанувајте да учите. Јазиците, општествата и институциите постојано се менуваат, а добриот професионалец мора да се развива заедно со нив.
Второто правило е: чувајте го својот професионален интегритет. Репутацијата на толкувачот и преведувачот се гради со години, а може да се изгуби за еден ден. Точноста, доверливоста, етичноста и почитувањето на професионалните стандарди се темел на долгорочна кариера.
На крајот би додала уште еден принцип кој често им го повторувам на студентите: зад секој текст и зад секое толкување стои човек. Ако тоа никогаш не го заборавиме, ќе бидеме не само подобри професионалци, туку и подобри посредници меѓу луѓето и културите.