
Филозофскиот филмски фестивал оваа година го одбележува своето јубилејно, петнаесетто издание, потврдувајќи ја својата позиција како уникатна културна и интелектуална платформа во Македонија и пошироко.
Фестивалот, кој ќе се одржи од 22 до 28 мај во Кинотеката, Музејот на современата уметност, КИЦ, КСП Центар „Јадро“ и на Филозофскиот факултет, претставува ретка средба на филмот и филозофијата, отворајќи простор за длабинска рефлексија за современите општествени, етички и егзистенцијални прашања преку моќта на седмата уметност.
Главната програма на фестивалот е богата и разновидна: компетитивните официјални селекции на долгометражни и краткометражни филмови, ревијалната програма „Филм-философија“, селекција на видео есеи, специјална ретроспектива посветена на Пјер Паоло Пазолини, како и едукативна програма со видео лектира за средношколци, работилници за млади и фил(м)ософија со деца. Оваа година, фокусот е ставен на теми како достоинството на животот и смртта, идентитетот, комуникацијата и современите предизвици – теми кои се рефлектираат во внимателниот избор на филмови од различни култури и кинематографии.
Фестивалот доделува престижни награди „Златен був“ за најдобар долгометражен и краткометражен филм, избрани од стручно жири и од публиката, како и специјално признание „Стефан Сидовски – Сидо“. Со својата отвореност кон различни генерации – од најмладите до академската публика – и со постојаната заложба за дијалог меѓу уметноста и мислата, Филозофскиот филмски фестивал останува значаен двигател на културното и интелектуалното живеење кај нас, инспирирајќи нови перспективи и критичко размислување за светот во кој живееме.
❤️Главната програма на 15. Филозофски филмски фестивал 22–28 мај | Кинотека на С. Македонија...
Posted by Филозофски Филмски Фестивал / Philosophical Film Festival on Saturday, May 10, 2025
По повод ова јубилејно издание, мои соговорници се двајцата селектори кои стојат зад официјалните селекции на фестивалот и со својата стручност и визија даваат посебен белег на програмата: м-р Кирил Трајчев - селектор на официјалната селекција на долгометражни филмови и е познат по својот аналитички пристап кон филмската естетика и филозофската релевантност на филмот - професор на Меѓународниот славјански универзитет Свети Николе, предавал и на Филмската академија при Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип; и д-р Дејан Здравков – доктор по филозофски науки, со истражувачки интереси во областа на естетиката и антропологијата, познат по својата способност да препознае длабоки филозофски и егзистенцијални теми во кратката филмска форма.

Токму преку нивните избори, фестивалот добива својата специфична насока – како културен отпор кон кичот, како простор за критичко мислење и како платформа што ги поврзува уметноста и филозофијата во современиот свет.
Од скромните почетоци како студентска иницијатива, фестивалот денес е признат меѓународен настан. Кирил Трајчев истакнува: „Филозофскиот филмски фестивал од навидум скромна студентска иницијатива прерасна во сериозен и мериторен културен настан не само за нашата земја, туку и за регионот, па и за светот воопшто.“ Дејан Здравков додава дека „фестивалот се обидуваше да биде токму тоа: провокативен, полемичен и поетичен“, а ентузијазмот на тимот расте со секоја година, и покрај скромните финансиски и логистички услови.
Филозофскиот филмски фестивал се издвојува по својата заложба за висока филмска естетика и филозофска релевантност. Трајчев нагласува: „Овој фестивал е еден од ретките во светот... кои во својата програма преферираат филмови со суптилна естетика, а од друга страна реферираат на значајни филозофски прашања, проблеми или теми.“ Тој смета дека фестивалот создава „значајна дистанца од еродираниот културен хабитус на општеството и настанатата културна зачмаеност и индолентност“, претставувајќи „разнишување на кич културата, која што како што ми се чини, како сè повеќе да ги поместува вредносните критериуми кон дното.“

Здравков аргументира дека како еден специфичен уметнички израз и како едно сосема ново уметничко искуство, филмот од самите свои почетоци го предизвикува мислењето:
„Како уметност на подвижните слики, кои не се просто јукстапозиционирани визуелни секвенци во просторот, туку секогаш сѐ и во однос со поимното, со дискурзивното, филмот е податлив за инспиративен дијалог со филозофијата кој трае веќе еден век, почнувајќи од најраните позначајни филозофско-теориски рефлексии за филмот на Жан Епстен и Андре Базин, преку Жил Делез за кого суштината на филмот е „да се занимава со мислењето и само со мислењето“ па се до современите, извонредно луцидни психоаналитички осервации на Славој Жижек. Денес со односот помеѓу поимното мислење и сликовниот јазик на филмот се занимаваат бројни претставници на аналитичката филозофија и на феноменологијата, а на поедини универзитети во светот се формираат и засебни интердисциплинарни студиски програми по Филм-филозофија.“
Тој подвлекува дека целта на фестивалот е да биде медиум за средба на сите кои истражуваат во областа на филм-филозофијата, но и пошироко:
Но филозофскиот пристап кон комплексниот феномен на филмот не е единствениот; тука се различните теории за филмот, истражувањата во рамките историјата на уметноста, семиологијата, родовите и културните студии, филмската критика и.т.н. Токму затоа идејата на нашиот фестивал беше да претставува медиум за средба на сите кои се интересираат и истражуваат во оваа област. Во изминативе 15 години ние се обидуваме да отвориме најширок можен простор за филозофско-естетски дијалог, почнувајќи од самиот избор на филмови, па сѐ до гостите кои ги покануваме за дискусија, а кои не доаѓаат само од светот на филозофијата, туку и од светот на книжевноста, филмот, другите уметности, новинарството, да се сретнеме со еден широк спектар на различни теориски пристапи и елаборации, и конечно заедно да гледаме филм, да се препуштиме на едно перцептивно и естетичко искуство кое „предизвикува познавателен шок и не тера да мислиме“ (Делез).
Публиката на фестивалот останува специфична и лојална, со силен интелектуален и естетски апетит. Трајчев забележува: „Профилот на публиката низ годините не се менувал значајно. Во прашање е публика со интелектуални апетити и публика која има високи естетски преференци... за истакнување е и присуството на млада публика, која ја претставува македонската прогресивна интелектуална младина.“
Здравков додава дека фестивалот нуди отвореност кон различни генерации: „Нашата публика расте заедно со нас и со нашиот фестивал и ми се чини дека веќе одлично знае што да очекува од нашата програма... фестивалот нуди отвореност кон различни генерации на посетители, а моите впечатоци од досегашните кино проекции се дека нашите филмови будеа голем интерес кај сите.“

Иако фестивалот има тематски и специјалистички карактер, тој успева да го предизвика вниманието и на пошироката јавност. Здравков вели дека самиот термин „филозофија“ побудува љубопитност кај секого, а соработката со филмската и академската заедница е коректна, бидејќи многу од гостите доаѓаат токму од тие средини.
Трајчев, пак, посочува на потребата од поголема институционална и медиумска поддршка: „Првенствено сметам дека поддршката од страна на државните институции одговорни за културата треба да биде поголема... ако фокусот на медиумите најчесто е насочен кон најразлични медиокритетски вредности, тогаш сметам дека овој фестивал навистина заслужува многу поголемо медиумско внимание и поддршка.“
Селекцијата на филмови на фестивалот се води според строги критериуми за уметнички квалитет и филозофска релевантност. Трајчев објаснува: „Секоја година се трудам филмовите кои ќе влезат во селекцијата пред сè да соодветствуваат на генералните критериуми... високата филмска естетика и присутната филозофска релевантност како клучни критериуми кои секој филм помалку или повеќе треба да ги задоволи за да влезе во конкуренција.“ Тој се стреми кон географска и културолошка разновидност, а темите варираат од смртта и идентитетот до улогата на граѓанинот во општеството.
„Тематско – мотивската лепеза можеби не е многу широка (имајки го предвид фактот дека се во прашање само пет филмови), но сепак опфаќа повеќе различни аспекти. Од прашања поврзани со смртта и крајот на животот, потрагата по идентитетот, разликите меѓу културите, па до проблеми поврзани со местото, улогата и третманот на граѓанинот во системот и неговата интегрираност во општеството се присутни во селкцијата на фолмовите“, вели Трајчев.
Во селекцијата на краткометражни филмови, Здравков нагласува дека најголем предизвик е да се пронајдат „филмски слики кои би можеле да мотивираат различни перспективи на гледање, толкување, филозофско прочитување, но и естетско доживување.“ Тој додава: „Се одлучив за петнаесет филмови кои доаѓаат од 20 земји во светот и 6 континенти, за кои сметав дека можат да се квалификуваат како ‘филозофско релевантни’ со оглед на нивната исклучителна формално-естетска вредност и длабока аналитичка содржина која рефлектира на актуелни општествено-социјални, егзистенцијални, етички, психолошки и еколошки аспекти на современиот живот.“
Филозофскиот филмски фестивал останува автентичен отпор кон кичот и медиокритетството, создавајќи простор за критичко мислење, дијалог и културна еманципација – токму она што му е најпотребно на современото општество.