13. ПРО-ЗА БАЛКАН ФЕСТИВАЛ

Јана Бауер: Во Скопје се живее и дише литературата многу поинтензивно

Фото: Сашо Димоски

На 13. издание на Интернационалниот литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ што се одржа од 21 до 23 септември во Скопје, словенечката авторка Јана Бауер ја одбележа својата втора посета на нашиот главен град, каде веќе беше наградена и низ годините ја стекна наклонетоста на читателската публика.

Учеството на фестивалот се претвори во мост за креативна размена меѓу регионалните култури, и Бауер го цени како драгоцено искуство за отворање дијалог за актуелни општествени теми, од војните до улогата на вештачката интелигенција во современата литература. Таа истакнува дека ваквите средби имаат посебна важност во време на дигитална експанзија, бидејќи не може целосно да се заменат со онлајн комуникацијата и социјалните медиуми.

Во разговорот за kajgana.com, Бауер ги сподели искуствата од преведувањето на нејзините дела, потенцирајќи колку е комплексна улогата на преведувачите во пренесувањето на културните нијанси и каква е нивната посветеност. Се осврна и на книгите за млади и предизвиците со кои се соочуваат авторите денес, особено во однос на намалувањето на читателската писменост и влијанието на дигиталните медиуми.

Фото: Сашо Димоски

Во изминативе години, фестивалот ПРО-ЗА Балкан се разви во простор за средби помеѓу автори и читатели, но и во креативна размена на идеи меѓу регионалните култури. Кои се вашите впечатоци од учеството на овој фестивал?

Фестивалот беше исклучително добро организиран, имам само пофалби. Мило ми е што се разви дебата на теми како војни, вештачка интелигенција и литературата. Беше интересно да се набљудува колку различно ги доживуваме овие категории—иако се согласивме околу главните точки, нашите мисли за развојот на иднината, нашето вклучување и апсорбција на овие прашања беа толку нијансирани и разновидни, што можевме да разговараме уште неколку дена. Бев фасцинирана од потребата за отворен простор за мислења и реплики, како и од страста и посветеноста на публиката и говорниците. Ми се чини дека ваквите собири се навистина потребни; сè уште не сме исчезнале во дигиталниот свет, а квалитетот на овие настани не може да се замени со социјалните мрежи.

Што значи посетата на Скопје за вас, имајќи предвид дека вашите дела веќе се преведени и наградувани овде?

Ова ми беше втора посета на Скопје и навистина со нетрпение ја очекував. Веќе при првата посета имав чувство дека тука се живее и дише литературата многу поинтензивно. Знам дека ова чувство може да мами, и често сум го доживувала и со странски автори што доаѓаат во Словенија, но сепак е пријатно.

Фото: Сашо Димоски

Вашите книги се преведени на многу јазици и се читаат во различни културни контексти. Како ја забележувате промената во начинот на кој вашите книги се примени во различни средини? Каква улога играат преведувачите во овој процес?

Сметам дека најголемите разлики не се во самите перцепции на читателите, туку во процесот на преведување и трансфер на едно дело во друга јазична средина. На пример, во германскиот превод на „Грозовила“, во една од приказните воен магацин беше заменет со магацин на синџир продавници. Војската за германските читатели има сосема друго значење отколку за словенечките; кај нас, досега секогаш будела чувство на сигурност, бидејќи војниците се тие што доаѓаат на помош во случај на природни или други катастрофи. Бидејќи моите ликови често се антропоморфизирани животни, понекогаш има компликации и со родот. На пример, глувчето може да стане женско, што секако значително менува и комплицира одредени односи и однесувања.

Навистина не им е лесна работата на преведувачите. Им се восхитувам! Со толку љубов им пристапуваат на тие преводи.

Години и години ги учат нашите јазици. Словенечкиот го зборуваат многу малку луѓе, и понекогаш се прашувам како воопшто успеваат да опстанат. Секоја чест на сите што ни ги отвораат очите кон разновидноста на светската литература, особено преку преводи од јазици со мал број говорители. Без тие мали бисери што имав можност да ги читам на мајчин јазик и во одлични преводи, моето пишување немаше да биде тоа што е денес.

Литературата за деца и млади секогаш имала едукативна и емоционална димензија, но денес се соочува со конкуренција од други медиуми. Каква ја гледате улогата на литературата во развојот на мислењето и емоциите кај младите читатели, особено кај девојчињата? Мислите ли дека денес има доволно литература со која тие можат да се идентификуваат?

За мене, добра книга за деца или млади е отворена за сите—девојчиња, момчиња и различни генерации. Ова важи и за сликовниците. Верувам дека има повеќе добра литература отколку што би можеле да прочитаме и во десет животи. Проблемот не е во литературата, туку во другите медиуми. Неамбициозни родители, наставници и библиотекари дозволуваат овој проблем да опстојува. Никогаш немало повеќе можности да се објавуваат автори и книги од различни јазични средини отколку денес, а сепак читаме значително помалку добра литература отколку пред појавата на дигиталните медиуми.

Фото: Сашо Димоски

Кои потенцијални предизвици ги гледате во пишувањето и создавањето литература што ги адресира специфичните потреби, интереси и идентитети на младите девојки денес – мислите ли дека домашната и регионалната книжевна сцена ги следи современите прашања и перспективи што ги засегаат девојките?

Не чувствувам дека ни недостигаат силни, оригинални, чудни, храбри, но и проблематични, депресивни—со еден збор, разновидни, а сепак квалитетни и добро развиени женски ликови; и јас пораснав со нив. Кога ќе прошетам низ саемите за книги во Болоња, Лондон и Франкфурт, гледам како старите хероини и херои продуцираат нови, посовремени. Домашната сцена исто така го следи ова.

Она што навистина ме загрижува е што нивото на читачка писменост се намалува од година во година, не само во Словенија и Македонија, туку речиси насекаде. Опаѓа способноста за разбирање на пообемни текстови.

Во најновите PISA студии, кои ја мерат читачката компетентнција кај петнаесетгодишниците, овие способности во Словенија се речиси преполовени во однос на претходните години, а европскиот просек постојано опаѓа. На некој начин се откажуваме од способноста за концентрација, за длабинско читање, и како последица, за линеарен начин на размислување што сме го развивале со векови. Секако, може да се чита и на екран, но екранот нуди толку многу други можности што и ние што сме пораснале во аналогна ера, не можеме да му одолееме на неговиот шарм и на немирното внимание. Порано децата беа препуштени на улицата, денес најголем дел се препуштени на екраните.

Секој автор носи со себе книги и искуства од младоста што им оставиле белег врз стилот и визијата. Кои необични или помалку познати книги од вашето детство го обликуваа вашиот светоглед?

Хана Краан и нејзината „Čavknjena čarovnica“ и секако Роња, ќерката на разбојникот, Пипи Долгиот Чорап, Браќата Лавовско срце од Астрид Линдгрен, Момо—сега набројувам само класиците. Со татко ми читавме бајки од целиот свет; имавме збирка приказни од различни земји и постојано ги читавме. Една од моите омилени книги беше „Bobri“ од словенечкиот автор Јанез Јален, сместена 2.000 години пред нашата ера, која го опишува животот на жителите во наколни населби во нашиот регион. Ги прочитав сите дела на Роалд Дал. Дури во зрелите години ја открив Туве Јансон и се вљубив во нејзината литература. Прочитав и голем број драмски текстови, бидејќи студирав драматургија. Верувам дека тоа беше одлична подготовка за подоцнежното пишување, бидејќи театарот те учи на дијалог и ти покажува како да создадеш добар лик.

Дали ги препознавате одразите на тие влијанија во вашето пишување денес?

Апсолутно. Без нив и десетици други книги, моето пишување веројатно би било сосема поинакво.

Авторите најчесто создаваат во средина полна со надворешни предизвици – пазарни, културни, дигитални. Кои ги сметате за најголеми креативни и професионални предизвици за авторите што создаваат дела за деца и млади во балканскиот контекст?

Сметам дека не треба да дозволиме да нè понесе брзината на животот. Денес живееме со молскавична брзина; има толку многу дигитални алатки за сè што може да се замисли, а малите пазари и желбата за опстанок само го забрзуваат темпото. Кога пишуваме, не смееме да брзаме—речениците треба да се промислат, текстовите да се остават да „отстојат“, да се доработат и прецизираат пред да се објават. Светот, а особено средината во која живееме, не обезбедува финансиска поддршка што е потребна за создавање добра литература. Културата секогаш се турка на маргините. Има премалку сериозни уредници, а тоа секако не придонесува за квалитетот на текстовите. Во исто време, треба да се негуваат и читателите, за да препознаат квалитетна литература и да уживаат во неа.

Се плашам дека талентирани автори и преведувачи се губат во други професии. Некои од нив, токму поради тоа, никогаш нема да станат писатели—ќе бидат нешто друго, можеби посоодветно за светот што доаѓа. А можеби и не; којзнае како иднината може да нè изненади.

реклама

Тајланд ја нападна Камбоџа

Read more

Каролина разбуди емоции со нејзината прва насловна на неполни 13 години

Read more

На кои половни автомобили најбавно им паѓа цената?

Read more

Кинескиот гигант тоне: Секој ден губи 4,5 милиони евра

Read more

Интервју

Јана Бауер: Во Скопје се живее и дише литературата многу поинтензивно

Read more

Немаме доволно „мејнстрим“ медиуми заинтересирани за „писателцките работи“

Read more

Јовица Рафајловски, Saatchi & Saatchi Скопје: Предрасудите се рушат со идеи што провоцираат размислување и носат емоција

Read more

„Би сакала да се појави севременски, антологиски драмски текст напишан од жена“

Read more
 

Ново

Голем неделен хороскоп од 8 до 14 декември за сите знаци

Читај повеќе

Зошто витаминот Д не делува? Можеби го земате во погрешно време

Читај повеќе

Kyiv Post: Русија евидентира загинати војници како „дезертери“

Читај повеќе

Кинескиот гигант тоне: Секој ден губи 4,5 милиони евра

Читај повеќе

Како да се спасите од стапицата на задолжување?

Читај повеќе

Зошто министерот за војна Хегсет ја „смени песната“ за Трамп?

Читај повеќе

ГП Богородица и Меџитлија се блокирани за влез и за излез

Читај повеќе

Јапонија се повлекува од нуклеарниот проект во Виетнам

Читај повеќе
  • filter

8 декември 1980 – убиен бил Џон Ленон

Читај повеќе