Креативноста е најсилното оружје против предрасудите – токму тоа е пораката која ја испраќа Јовица Рафајловски, Art Director во Saatchi & Saatchi Скопје и член на стручното жири на овогодинешниот конкурс за млади креативци, „Сруши ги предрасудите“, во организација на Телеком и Golden Drum. Со долгогодишно искуство во адвертајзинг индустријата и соработки во рамки на глобалната мрежа Publicis Groupe, Јовица е сведок на тоа како идеите што носат емоција и провоцираат размислување остануваат во меморијата и ја менуваат перцепцијата. Работејќи во услови карактеристични за мал пазар, често ограничени, тој верува дека токму предизвикот создава дополнителна инспирација и ги тера креативците да бидат похрабри и поиновативни. Во ова интервју зборуваме за неговото искуство, визијата за младите генерации во креативната индустрија, но и за тоа колку е важно да се даде шанса на идеи што можат да остават трага – во професијата, но и во општеството.
Јовица, оваа година ја имаш честа да бидеш дел од стручното жири на наградниот конкурс за млади креативци, во организација на Телеком и Golden Drum. Колкав е предизвикот да се избере едно единствено победничко решение? Како оди процесот на размислување кога треба да донесеш објективна одлука за нешто што е толку субјективно, како визуелната уметност?
Предизвикот е огромен, но токму во тоа е и убавината. Креативноста нема универзална формула и затоа секое решение носи различна енергија и приказна.
Во процесот ќе се водам според неколку критериуми – силата на идејата, јасноста на комуникацијата, усогласеноста со брифот и квалитетот на изведбата. Визуелната уметност секогаш е субјективна, но добрата идеја има способност да пробие низ таа субјективност и да остави трага. На крај, ќе го барам решението што отвора нов поглед, буди емоција и остава нешто што останува со нас.
Веќе со години си дел од агенцијата Saatchi & Saatchi дел од Публицис Груп Скопје, сега и како Art Director, и ја имаш можност да ги следиш случувањата во индустријата одвнатре, но и однадвор – како набљудувач. Колку си задоволен од нивото на адвертајзингот во нашата земја? Се создаваат ли навистина квалитетни решенија и кампањи кои се паметат?
Да, ја имам честа да сум дел од Saatchi & Saatchi веќе подолго време, а со тоа да работам и со талентирани луѓе, но и да бидам дел од огромни кампањи кои оставаат трага во просторот во кој живееме. Нашиот пазар е помал и често работиме во ограничени услови, но тоа знае да биде и поттик за уште поголема креативност. Се појавуваат кампањи кои остануваат запаметени токму затоа што носат вистинска порака во вистинскиот момент. Она што е важно е да се гради континуитет и да се создава средина која уште повеќе ќе инспирира храброст и автентичност. Верувам дека имаме голем потенцијал, кој полека но сигурно се отклучува.
Што е за тебе лично најдобриот дел од работата? Работењето со големи клиенти и важни имиња, создавањето на трајни и впечатливи решенија или пак можеби добивањето на награда од реномирани фестивали како што е Golden Drum?
Најмногу ме исполнува самиот процес на создавање – моментот кога од ништо создаваш нешто што комуницира, инспирира или менува перцепција. Работата со големи клиенти навистина е предизвик, а наградите се убаво признание, но најголемо задоволство е кога ќе видам дека некоја идеја навистина допрела и комуницира со луѓето. Тоа е моментот кога знаеш дека си направил нешто вредно.
И за крај, да се вратиме кај младите луѓе односно новите генерации на креативци. Веруваш ли дека им се дава доволна шанса? Како тие можат да го променат светот?
Мислам дека шансите постојат, но понекогаш треба да се бараат и надвор од очекуваните рамки. Новите генерации носат свежина, храброст и различен поглед на светот – и токму во тоа е нивната моќ. Ако им се даде простор и доверба, тие не само што ќе ја променат индустријата, туку и начинот на кој комуницираме и размислуваме како општество.
Како дел од жирито за конкурсот „Сруши ги предрасудите“ кој го организира Golden Drum & Телеком, што имаш да им порачаш на младите?
Бидете храбри, искрени и верувајте во тоа што сакате да го кажете. Предрасудите се рушат со идеи што провоцираат размислување и носат емоција. Не размислувајте што „се бара“, туку што вие сакате да кажете – токму таму се раѓаат најсилните креативни решенија.