14. ИНТЕРНАЦИОНАЛЕН ЛИТЕРАТУРЕН ФЕСТИВАЛ ПРО-ЗА БАЛКАН

Мајк Дауни: Пораките во уметноста треба да се прошверцуваат, а не да се попуваат

Балканските книжевни фестивали се пркосни простори за културно помирување

Кога го завршив уредувањето на ова интервју, имав чувство како да прислушувам разговор меѓу стари пријатели длабоко во ноќта, иако со Мајк Дауни претходно се познававме само преку неговите дела. Имав чест да го слушам како говори на „ПРО-ЗА Балкан“, па кога му се обратив за ова интервју, знаев каков Мајк Дауни ќе сретнам: топол, искрен и длабоко упатен во референците што може да ги понуди само Балканот.

Дауни добро ги познава Скопје и книжевните и филмските кругови во регионот; тој е соработник, поборник, па дури и еден вид провокатор во регионот уште од 80-тите и 90-тите години. Сега, како гостин што се враќа на „ПРО-ЗА Балкан“ – фестивал што повеќе наликува на посета на семејство отколку на професионална обврска – Дауни го носи не само своето искуство како продуцент на повеќе од 100 филмови и поранешен претседавач на Европската филмска академија, туку и својот глас како романописец чија трилогија за Истра веќе пронајде читатели низ целиот регион. Зборува за театарот во Југославија од 80-тите, за етиката на историската фикција, за „аутсајдерот повратник“ како постјугословенски архетип и за тоа зошто овдешните книжевни фестивали се важни како простори за културно помирување. Сфатете го ова како покана да седнете и да слушнете како една креативна личност – која добро ги познава раните и духовитоста на Балканот – отворено зборува за хуманизмот, надежта и работата што сè уште ѝ претстои на културата.

Голем дел од осумдесеттите години ги помина работејќи како театарски режисер низ поранешна Југославија. Како тоа театарско искуство во овој регион, во доцниот социјалистички период, го обликуваше твоето подоцнежно сфаќање за раскажувањето приказни? Дали гледаш одгласи од тие поставки во начинот на кој денес пристапуваш кон филмската продукција и пишувањето романи?

Како посветен млад социјалистички идеалист, во осумдесеттите години во Титова Југославија се чувствував како во свој елемент. Бидејќи и самиот потекнував од прилично скромна средина – а моите родители, како економски мигранти од Ирска во Англија, доаѓаа од уште поскромна – она што се нудеше на социјален, уметнички и креативен план беше извонредна мешавина од класичен, авангарден и народен театар. Имаше чувство на плурализам и разновидност во раскажувањето – сите култури и јазици беа рамноправни, а се чувствуваше и дека се нуди најдоброто од Западот и од Истокот. Имаше групи што силно го обликуваа моето сфаќање за репертоарот – особено во „Ателје 212“, каде што бев вработен одредено време; тоа многу ме потсетуваше на чувството на заедница што го доживеав во Лондон, во театрите „Ројал Корт“ и „Гејт“. Тоа беше дом на Белградскиот интернационален театарски фестивал (BITEF), кој остана клучен прозорец кон меѓународните авангардни трендови, претставувајќи ги најсовремените светски театарски тенденции дури и во време кога растеа локалните политички притисоци. Бев многу млад и лесно се импресионирав, и се сеќавам дека длабоко ме трогна театарската атмосфера во Белград во осумдесеттите – тоа беше жив, политички наелектризиран културен простор во транзиција, кој ги одразуваше променливите идеолошки струи во Титова Југославија. Исто така, се вложуваа големи напори да се биде оригинален и никогаш здодевен. Живо се сеќавам на иницијативите на трупи како KPGT (формирана од Љубиша Ристиќ, Нада Кокотовиќ, Душан Јовановиќ и Раде Шербеџија), која се издвојуваше бидејќи се стремеше да зачува единствен културен простор низ различните југословенски јазици и идентитети, и покрај засилената политичка фрагментација.

Израснав во театарскиот свет во земјата на Шекспир, а театарот го изучував во Париз, домот на Бекет и Жене (всушност, се имам запознаено со Жене, но тоа е друга приказна). Социјалистичкиот контекст ми овозможи повремено да го откривам суштинскиот хуманизам во театарот; верувам дека мојата работа во театарот и на филмот, како и моите книжевни обиди, се фокусираат на индивидуалната способност за дејствување, човечката склоност кон грешки и емпатијата, наместо на божествена интервенција или закоравени догми.

Хуманистичката уметност ги отфрла надворешните космички сили за да ги истражи внатрешните морални сложености и заедничките емотивни искуства на човечкото постоење.

Истарската трилогија ги користи тартуфите како наративна нишка што поврзува три историски периоди (Стар Рим, Втората светска војна и денешницата). Што те привлече кон оваа габа како метафора и како таа функционира надвор од улогата на обичен инструмент на заплетот, за да послужи како коментар на континуитетот и промените во овој регион?

Првпат ја посетив Истра во 1978 година. Од 1999 година имам дом овде. Во централна Истра, далеку од туристите, тартуфот е во сржта на општеството, културата и економијата, а постои и општа фасцинација со оваа габа. Големо внимание се посветува на истарскиот тартуф – Tuber Melanosporum (Црниот дијамант) и Tuber Magnatum (Принцезата од слонова коска) – тој е длабоко вкоренет во големите истарски митови. Сакав да ги истражам овие митови низ историјата на полуостровот, при што моќта на тартуфот би ги поврзувала трите приказни... Во предговорот го пишувам следново: тартуфот е една од најприжелкуваните работи – и секој што има обучено куче може да го најде – тоа е исклучително демократски, а сепак високоризичен начин на собирање шумски плодови. Така, надвор од сјајот и гламурот на рестораните со „Мишелин“ ѕвезди, во шумите со тартуфи владее свет на жестока конкуренција. Од Перигор преку Алба до Истра – синџирот на снабдување е проткаен со интриги, тајни, саботажи и измами... фалсификување и вешти манипулации... на крајот останува прашањето: што друго, освен алчноста, нè привлекува кон овие скапоцености покриени со земја?

Сепак, тартуфот во „Истарско злато“ е како соколот во „Малтешкиот сокол“ – еден вид MacGuffin (покренувач на дејството). Сепак, како што добро знаеле предсократовските филозофи, нема ништо ново под сонцето. Употребата на MacGuffin како наративен елемент му претходи на самиот термин MacGuffin. Светиот грал од легендите за кралот Артур често се наведува како ран пример за MacGuffin. Во суштина, станува збор за прижелкуван предмет што е клучен за покренување и развивање на дејството, но конечната судбина на Гралот никогаш не се открива, што укажува на тоа дека самиот предмет нема суштинско значење. Посоодветна аналогија би била приказната за Јасон и Златното руно – мотив што има посебно значење во Истра; Златното руно од грчката митологија, целта на потрагата на Јасон и Аргонаутите, само по себе – иако претставува вистинската причина за постоењето на целиот тој епски потфат – останува целосна мистерија. Никогаш не се објаснува вистинската причина за неговата привлечност, која е слична на онаа на Светиот грал.

Ги опишуваш твоите три романи како дела што ги истражуваат алчноста (Istria Gold), омразата (Istria Black) и корупцијата (Istria Blue). Тоа се јасно морални категории. Со оглед на твојата обемна работа со филмски работници изложени на ризик преку Меѓународната коалиција за филмски работници во ризик (ICFR), дали сметаш дека фикцијата нуди нешто што застапувањето на каузи и хуманитарната работа не можат да понудат – можеби начин да се обработи моралната сложеност што кризите во реалниот свет ја наметнуваат премногу итно за да остават простор за размислување?

Идејата за sugaring the pill („засладување на горчливиот лек“) со поезија не е нова. Таа потекнува од антиката, па дури и од праисторијата. За првпат буквално се сретнав со оваа идеја кога имав 16 години и учев латински јазик во еден мал град во западна Англија. Лукретиј ја користел поезијата за да ги „заслади“ своите сложени филозофски идеи – техника што експлицитно ја опишува во своето ремек-дело De Rerum Natura („За природата на нештата“). Тој ја напишал оваа епска поема во првиот век пред нашата ера за да им ги направи поприфатливи за публиката пркосните и контраинтуитивни концепти на епикурејската филозофија и атомизмот. Позната е споредбата на Лукретиј во која тој ја поистоветува употребата на поезијата со постапката на лекар што му дава горчлив лек на дете. За да го натера детето да го испие лекот, лекарот го премачкува работ на чашата со сладок, златест мед. Истото важи и за фикцијата. Се разбира, филмот е одличен и забавен начин за размена на идеи без притоа тоа да биде премногу очигледно – токму затоа толку многу го сакам и затоа во текот на животот сум снимил повеќе од 100 филмови, од кои повеќето (дури и оние што се покомерцијални) во својата суштина носат општествена порака. Традиционално му се припишува на филмскиот магнат Семјуел Голдвин изреката: „Филмовите служат за забава, а пораките треба да се испраќаат преку Western Union“. Таа теза тврди дека примарната улога на филмот е бегство од реалноста и чиста забава, а не да ѝ се држат лекции на публиката. Јас не се согласувам со тоа.

Уметничкиот противотров на идејата дека „пораките се за преку Western Union“ е прошверцувањето на длабоки општествени или политички теми низ привлечно и забавно раскажување приказни.

Токму тоа го правам цел живот. Не зборувам за претворање на филмовите во здодевни јавни соопштенија или попувања (кои потфрлаат во обидот да бидат уметност); големите филмски творци своите пораки ги „прошверцуваат“ вешто и ненаметливо. Тие ги користат жанрот, наративната тензија, хуморот и богатата разработка на ликовите, така што публиката усвојува длабоки човечки или општествени вистини, а притоа одлично се забавува. Моите последни филмови со Агњешка Холанд (Franz, Green Border), Хамагучи (All of a Sudden) и Асгар Фархади (Parallel Tales) се успешни примери за тоа како „да се заслади горчливиот лек“.

Протагонистот на твојата современа приказна, Марко Михаилиќ, е поранешен таен полицаец кој се враќа во Хрватска. Овој лик на инсајдер-аутсајдер повратник се појавува во многу постјугословенски наративи. Дали овој лик беше делумно инспириран од твојата сопствена позиција како некој што е длабоко поврзан со Хрватска (сега живееш во Истра), а потекнува од Ирска и Британија?

Ликот на повратникот-аутсајдер е честа движечка сила во заплетите на постјугословенските филмови; тој служи како „око“ преку кое публиката го набљудува расцепканото општество. Интересно е што, сосема случајно, сум учествувал во неколку значајни проекти што ја обработуваат оваа тема – почнувајќи од македонскиот филм „Пред дождот“ (1994, во режија на Милчо Манчевски). (Овој филм се реализираше преку мојата канцеларија во Лондон.) Протагонистот, Александар, е наградуван воен фотограф кој се враќа во родната Македонија по неколку години поминати во Лондон. Тој функционира како врвен инсајдер-аутсајдер, обидувајќи се да се снајде и да го запре етничкото насилство што тлее – појава што неговиот поглед, обликуван од западното искуство, ја гледа јасно, додека неговите соседи во татковината се заслепени за неа. Во поново време, филмот Ustav Republike Hrvatske (2016, во режија на Рајко Грлиќ) – кој ќе го претставам во Кинотеката следната среда – иако е фокусиран на локални соседи, сепак, како и поширокиот опус на Грлиќ и неговите колеги, често ја истакнува тензијата меѓу оние што останале низ транзицијата и оние што се враќаат со изменети менталитети.

Темата на прогонот и последователното „невозможно враќање дома“ претставува камен-темелник на постјугословенската книжевност. Свесен сум за тоа и во сопственото творештво. Ова го препознавам во извонредните дела на мојата стара пријателка Дубравка Угрешиќ, која за жал веќе не е меѓу нас: како можеби најпознатата книжевна изгнаница од регионот, таа во своите есеи и романи (како што е „Министерство на болката“) експлицитно го деконструира концептот на „дом“. Нејзините ликови се враќаат само за да сфатат дека земјата што ја познавале повеќе не постои, останувајќи трајно заглавени во состојба на „меѓупростор“. Дубравка се соочи со силен јавен прогон, медиумски прогон и политичко етикетирање како „предавничка“ и „вештерка“ во Хрватска во раните 1990-ти години, откако зазеде цврст антивоен став и ја критикуваше националистичката политика. Непријателството стана толку силно – вклучувајќи го отстранувањето на нејзините книги од библиотеките и постојаното јавно заплашување – што таа во 1993 година одбра доброволен егзил, на крајот населувајќи се во Амстердам.

Никогаш нема да ѝ простам на хрватската елита за она што ѝ го направи на Дубравка Угрешиќ. Срам да им е.

Се надевам дека ликот на Марко, на пример, ја доловува длабоката отуѓеност на некој што се враќа во средината на која ѝ припаѓал: локалното население го третира како турист, а сепак тој се чувствува премногу поврзан со нивната заедничка траума за навистина да биде странец. Тој е и идеалист кој верува дека статус квото нема да трае вечно. Надеж има. Среде сета омраза, алчност и корупција, има надеж. Во трилогијата ги искористив современите ликови како Марко и неговата партнерка Емина – луѓе што се враќаат во физичките простори на поранешна Југославија за да ги откријат скриените воени приказни, делувајќи како клинички прецизни и непристрасни истражувачи на сопственото наследство, а истовремено силно копнеејќи по промени. По демократија. По цивилизиран начин на живот. Ликовите како Марко и Емина ми овозможуваат да ги разобличам националистичките митови, главно затоа што тие не ги доживеале хронолошки државната пропаганда или менталитетот на опсада; тие можат да ги преиспитаат новите национални наративи со објективност каква што локалното население честопати ја нема. Нивните фрагментирани идентитети ја отелотворуваат сложеноста на „Југосферата“ – тие совршено го зборуваат јазикот, но им недостасуваат современите културни нијанси, што ги претвора во духови во сопственото родно место. Други влијанија во однос на оваа тема се Даша Дрндиќ и Александар Хемон.

Се повлече од функцијата претседател на одборот во Европската филмска академија (European Film Academy) во јануари 2026 година, по 25 години работа, период во кој помогна да се воспостават фондови за итна помош за украинските филмски работници и како институција ја проширивте поддршката за уметници изложени на политички прогон. Сега, кога веќе не си на таа институционална позиција, како се промени твојот однос кон европската кинематографија и какви нови форми на ангажман имаш на ум?

Иницијативите што ги спомнуваш претставуваат поголем, јавен успех што привлекува најмногу внимание. Но, таму работев и на многу други, помалку впечатливи, секојдневни работи. Трите работи што беа клучни за мене во текот на речиси четврт-вековниот ангажман во управниот одбор се: образование, образование и образование. Постојаниот акцент на образованието отсекогаш бил еден од главните столбови на моите стратешки цели за EFA; оттаму и произлегоа основањето на Европскиот филмски клуб, развојот и инвестирањето во Наградата на младата публика, како и Филмската награда на европските универзитети. Ако на тоа ги додадеме и посебните поволности што им ги нудиме на филмските работници помлади од 36 години, добиваме сеопфатна образовна политика. Од клучно значење е да го промовираме филмското образование преку иницијативи како што се мастер-класови за млади таленти, поддршка на филмската писменост кај пошироката публика и застапување за поквалитетно европско филмско образование преку поттикнување национални програми и обезбедување средства за достапност на филмот и обука на наставници...

Ако не ги едуцираме идните љубители на филмот, европската кинематографија би можела да исчезне. Таа работа не завршува на насловните страници.

Сега, кога се повлеков, можам да бидам покритичен кон улогата на Академијата – и кон она што таа треба да го прави. Се надевам дека мојот наследник го користи влијанието што го носи таа позиција за да иницира што повеќе промени. Што сè уште треба да се направи? Работите што не успеав целосно да ги завршам: кои гласови сè уште недостасуваат во европскиот филм? За мене, како момче од работничка класа и дете на економски мигранти, сè уште ми недостасува вистинската перспектива на работничката класа: пречесто недостасуваат нијансите на животот на современата работничка класа, особено во контекст на економската нестабилност; наместо тоа, гледаме перспективи на средната класа или стереотипни прикази. Јасно е дека етничките и расните малцински групи се крајно недоволно застапени. Забележително отсуствуваат филмски творци и актери со попреченост – лица со физичка или ментална попреченост – како и гласови од постколонијалните заедници: приказните што ја истражуваат сложеноста на колонијалната историја на Европа и нејзиното трајно влијание врз современото општество често се занемаруваат или маргинализираат во корист на потрадиционални, националистички наративи. Приказните раскажани на регионални, малцински или домородни јазици низ Европа ретко се застапени во мејнстрим, паневропската кинематографија. Сите овие прашања треба да се решат, а EFA мора да ја одигра својата улога.

Сè повеќе се насочувам кон соработка со големи мајстори – како што се Холанд, Хамагучи и Фархади оваа година. Не остана многу време и сакам максимално да го искористам. Исто така, посветувам многу повеќе време на документарни филмови, особено на оние што се занимаваат со големите општествени прашања на нашето време. Со години снимам филмови за деца од улицата – и продолжувам да го правам тоа низ целиот свет: во Бангладеш, Бразил, на Филипините, во Африка – но директно на терен, меѓу луѓето од улицата. На едно повисоко, стратешко ниво, успеав да формирам сопствен филмски фонд за директно инвестирање во делата на големи автори.

Тукушто ја основав Saudade Ink, специјализирана компанија за финансирање филмови, со цел да развивам, продуцирам и инвестирам во уметничка кинематографија од целиот свет. Овој фонд за продукција и развој, создаден во соработка со конзорциум од приватни инвеститори од Турција и Блискиот Исток, планира да потроши до 2 милиони евра (2,3 милиони долари) годишно во текот на првите две години, правејќи стратешки инвестиции во износ од 150.000 до 200.000 евра по поединечен проект. Проценувам дека годишно ќе инвестирам во пет до осум продукции на водечки меѓународни режисери-автори, вклучително и почетни средства за развој. Нашите врски со врвни таленти беа катализатор за формирањето на фондот Saudade Ink. Нашите првични инвестиции, засновани на стратегија со низок ризик, веќе дадоа резултати кај поединечни проекти, како што се филмовите на Агњешка, Franz – кој ја имаше својата светска премиера во Торонто – и Green Border. Последните четири филма по ред ни беа премиерно прикажани на фестивали од категоријата „А“ на FIAPF, а соодветните резултати од продажбата наидоа на позитивен одѕив кај нашите инвеститори.

Твојот дебитантски роман во некои медиумски написи го нарекуваа „реклама за Хрватска“. Сепак, книгите бескомпромисно се занимаваат со воени злосторства, морални компромиси и историски трауми. Како се справуваш со тензијата меѓу славењето на местото што го сакаш и одбивањето да го „дезинфицираш“ неговото минато – особено во регион каде што историската меморија сè уште е предмет на политички спорови?

Ја имаш Истра. И ја имаш Хрватска. Баби и жаби. Истра се разликува од остатокот на Хрватска поради нејзината длабока венецијанска историја, силното двојазично италијанско влијание и зелената, брановидна внатрешност која често ја нарекуваат „хрватска Тоскана“. Жителите на Истра чувствуваат посебен регионален идентитет; тие гласаат за силна регионална политичка партија наместо за вообичаените национални партии. Тие го следат сопствениот ритам. Истраните се отпорни на исклучувачкиот етнички национализам, за разлика од остатокот на земјата. Затоа, во поглед на драмскиот потенцијал, тоа секогаш добро функционира – поради контрастите. Индивидуализмот, либералноста и инклузивноста на регионот, како и давањето предност на локалниот „истарски“ идентитет пред строгиот хрватски национален идентитет – како оној што го промовира активистот инспириран од фашизмот (кој исто така и пее), Марко Перковиќ „Томпсон“. Истарскиот антифашизам е клучот за разбирање на локалната политичка култура, која силно го слави партизанскиот антифашизам од Втората светска војна како темелна граѓанска вредност. Токму затоа можам да живеам таму, а не во Имотски. Историјата на регионот вклучува заедничко венецијанско, австриско и југословенско минато. Оваа мултиетничка позадина ја намалува привлечноста на ексклузивниот етнички национализам. Можеби ќе биде полесно да ја разберете мојата книжевна трилогија во овој контекст ако ја замислите како вестерн – кој ја истражува болната транзиција од погранична област без закони кон организирано општество, каде што развојот на заедницата често бара лична жртва. Споровите се решаваат преку лични кодекси на честа и директни акции, наместо преку институционални судови. Протагонистите ја ценат личната независност и се спротивставуваат на променливите владини контроли, дури и кога помагаат на ранлива заедница. Такви некои работи.

Интернационален литературен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ по 14-ти пат ги обединува писателите од целиот регион во Скопје, град со сопствена сложена книжевна и филмска историја. Што конкретно те привлекува кон книжевните фестивали на Балканот и дали сметаш дека овдешната публика поинаку се поврзува со историската фикција отколку читателите во Западна Европа или во Обединетото Кралство?

Книжевните фестивали во постјугословенскиот Западен Балкан се фантастични и ги сакам бидејќи служат како пркосни простори за културно помирување, живо раскажување приказни и јазична солидарност. Публиката се поврзува поинаку поради скорешниот историски контекст. Иако насилниот распад на Југославија во 90-тите години го распарчи регионот политички и создаде цврсти национални граници, книжевните фестивали што опстанаа станаа главно средство преку кое писателите, издавачите и мислителите ги обновуваа урнатите мостови.

Во регион каде што националистичката политика честопати диктира историски ревизионизам и поделби, балканските книжевни фестивали функционираат како контракултурни движења – тие, всушност, експлицитно ја користат книжевноста како алатка за општествен отпор, организирајќи сериозни панел-дискусии за воените сеќавања, колективната вина, идентитетот и правото на индивидуална автономија.

И покрај политичкото категоризирање на српскиот, хрватскиот, босанскиот и црногорскиот јазик како посебни национални јазици, тие се меѓусебно разбирливи варијанти на истиот основен јазик. Тие ја заобиколуваат локалната политичка изолација, овозможувајќи им на книгите и идеите непречено да патуваат низ поширокиот регионален пазар.

А во овој дел од светот, „ПРО-ЗА Балкан“ е водечкиот фестивал во регионот на кој треба да се дојде. Меѓународниот книжевен фестивал „ПРО-ЗА Балкан“ е одличен бидејќи ги поврзува балканските писатели со поширокиот европски, блискоисточен и африкански книжевен свет и се бори против културните поделби. Фестивалот прерасна во витално место за средба на автори, издавачи и љубители на книги.

реклама

„Протече“ документ: Путин најде нов сојузник во ЕУ, се подготвува средба во Москва

Read more

ФСБ објави досега невидени снимки од масакрот во Москва, во кој загинаа 149 луѓе

Read more

Мелони го крена Сенатот на нозе: Не жалам за Берлинскиот ѕид, ни за руските тенкови

Read more

Ролат по стариот добар рецепт сѐ по 6

Read more

Интервју

Наташа Гелева – Лени: Културата никогаш не зависела примарно од удобните институционални рамки

Read more

Урош Ѓоровиќ: Бескрајно сум одушевен од начинот на кој функционира младата македонска сцена

Read more

Мајк Дауни: Пораките во уметноста треба да се прошверцуваат, а не да се попуваат

Read more

Д-р Наталија Орлиќ: Колку повеќе технологијата напредува, толку поважни стануваат човечките вештини

Read more

Ново

Kyiv Independent: Да ги кажеме работите со вистинското име, Трамп ѝ помага на Русија да победи

Читај повеќе

Решение за најнеобичната граница во светот: Азербејџан и Ерменија би можеле да разменат територии

Читај повеќе

Левица: Македонија треба да преговара со институциите на ЕУ, а не да прифаќа билатерални уцени

Читај повеќе

Неверојатен статистички податок ги откри проблемите на Реал: Куртоа имаше повеќе додавања од средниот ред

Читај повеќе

Може ли Софија да го блокира македонскиот јазик во ЕУ? Милошоски предупредува, според СДСМ нема ризик

Читај повеќе

Утре дожд и засилен северен ветер, на планините се очекува и снег

Читај повеќе
  • filter

15 октомври 1928: Најдолгиот лет со цепелин

Читај повеќе

Маск: И така, масакрот продолжува, време е Зеленски да си оди

Читај повеќе

Телото ви е во различна временска зона наутро: Феноменот одговорен за понеделничкиот пекол

Читај повеќе