МОНОГРАФИЈА „20 ГОДИНИ АРХИВА НА НЕЗАВИСНА КУЛТУРНА СЦЕНА“

Наташа Гелева – Лени: Културата никогаш не зависела примарно од удобните институционални рамки

„Архивата е потсетник дека независноста не е простор кој го добиваш на подарок, туку позиција на слобода која самиот ја освојуваш.“

Наташа Гелева – Лени (Фото: Јане Алтипармаков)

Кога една сцена нема институционална архивa, нејзината историја често останува во сеќавањата на луѓето што ја создаваа — во флаерите, каталозите, разговорите и фотографиите направени меѓу еден настан и следниот. Токму таму, во тој простор на лична посветеност и колективна меморија, се наоѓа архивата на Наташа Гелева – Лени, фотографка која уште од 1999 година го следи пулсот на независната културна сцена во Македонија. Нејзината прва монографија, „20 години архива на независна културна сцена“, во издание на „Илика“, ја собира оваа дваесетгодишна визуелна хроника — од 2006 до 2026 година — и ја претвора во јавно сведоштво за една заедница што се градеше во импровизирани простори, алтернативни барови, подруми, улички и сите оние места каде што културата наоѓаше простор да дише.

Монографијата ќе биде придружена со истоимената изложба, која ќе се отвори на 14 октомври во 20 часот во Културно-информативниот центар (КИЦ), а ќе биде отворена за посетители до 28 октомври. На неа ќе бидат прикажани дел од фотографиите вклучени во книгата, избрани и поставени во соработка со кураторот Владимир Јанчевски. Проектот е плод на заедничка работа меѓу самата уметница, уредниците на „Илика“, дизајнерките Ема Велковска и Марија Смилевска и дизајнерот Оливер Илиевски. „20 години архива на независна културна сцена“ е активност поддржана во рамки на проектот „Култура за развој“ на Владата на Швајцарија, кој се имплементира од Хартефакт Фонд. Изложбата е делумно поддржана од Министерството за култура и туризам.

Важно е да се истакне дека ова не е обичен преглед на минатото. Во воведниот текст на монографијата, кураторот Владимир Јанчевски пишува дека во свет каде што културната амнезија е алгоритамски поттикната низ претрупувачката силина на бранот, фотографиите на Гелева делуваат како места на отпор: тие го забавуваат времето и создаваат природен континуитет. Според него, културната меморија не е изградена од големи наративи, туку од мали, упорни чинови на гледање и паметење.  Документирајќи ја често занемарената сцена со внимание и во нејзиниот контекст, Гелева ја враќа фотографијата не како спектакл, туку како разговор — меѓу луѓето, меѓу минатото и иднината, меѓу она што се гледа и она што треба да се доживее и да се преживее.

За самата Гелева, архивата е повеќе од колекција фотографии. Таа е дисциплина, етика и гест на грижа — кон времето, кон луѓето со кои ги делела тие простори и кон идните генерации. Нејзината камера не стои надвор од настаните што ги документира: таа доаѓа одвнатре, од заедницата чиј ритам, борби, ентузијазам и уметнички јазик ги познава одблизу. Затоа нејзините фотографии не се само запис за изложби, концерти, фестивали и алтернативни собири, туку и колективен портрет на еден начин на живеење на културата — колективно, непрофитно, често несигурно, но упорно.

Во интервју за kajgana.com, по повод објавувањето на монографијата и отворањето на изложбата, Наташа Гелева – Лени зборува за трансформацијата од хаосот на документацијата кон промисленоста на намерата, за тешкиот процес на селекција, за кревкоста на независната сцена и за архивата како алтернативен простор на паметење во време кога јавните културни простори се затвораат, комерцијализираат или исчезнуваат. Нејзината приказна е истовремено лична и заедничка: хроника на авторското созревање, но и мапа на можностите за иднината на културата кога институционалните рамки се стеснуваат.

„20 години архива на независна културна сцена“ на крајот потсетува на нешто едноставно, но суштинско: културата не зависи првенствено од совршените сали и удобните институционални рамки. Таа настанува таму каде што има луѓе со потреба да се изразат, да се поврзат и да создадат простор за слобода. А кога физичките места ќе исчезнат, фотографијата — ако е направена со внимание и зачувана со одговорност — може да стане нивно најтрајно продолжение.

Две децении архива на независната сцена — дали тоа е воедно и хронологијата на твоето авторско созревање во фотографијата? Кога денес ја „читаш“ архивата како целина, какви формални и содржински трансформации препознаваш: во аспектот, во односот кон моментот, во начинот на конструирање на сликата?

Дваесет години архива на независната сцена ја опфаќа само мојата дигитална ера, додека почетоците на моето бавење со фотографија лежат нешто порано, односно од 1999 година. Хронологијата на моето сопствено созревање е естетско и човечко патување каде што развојот на сцената и мојата еволуција како автор се нераскинливо испреплетени.

Кога денес ја анализирам таа обемна архива како целина, најпрво препознавам трансформација од хаосот на документацијата кон промисленоста на намерата. Сцената ме трансформираше од набљудувач кој хронолошки ги собира фрагментите на реалноста, во автор кој свесно гради сопствен визуелен и духовен архив. На почетоците, мојот пристап беше воден од чист, интуитивен ентузијазам и желба да се долови сè што се случува, да се замрзне моментот во неговата сирова, улична форма. Денес, таа спонтаност е заменета со визуелен јазик каде што секој кадар е свесно конструиран. Но, секоја еволуција носи свои компромиси. Гледајќи наназад, морам да признам дека денес, зад таа техничка и концептуална зрелост, понекогаш ми недостасуваат токму храброста при пристапувањето кон субјектите и онаа првична експлозивна полетност карактеристична за почетоците.

Како се роди идејата архивата да прерасне во монографија и изложба? За тебе лично, што значи чинот на архивирање — дисциплина, етика, гест на грижа? А за заедницата, особено во контекст на намалување и исчезнување на јавните културни простори — дали архивата станува алтернативен простор на паметење?

Идејата за трансформација на оваа дваесетгодишна архива во монографија и изложба се роди органски, како резултат на неколку поводи кои со текот на времето се споија во една заедничка намера. Еден од клучните поттикнувачи беше проектот „Архива ЗаУм“ на уметничката група ОПА. Гледајќи како многу поединци несебично помагаат со зачувување на меморијата за изложбите со личен придонес, меѓу кои и јас со моите фотографии, сфатив колку е кревка историјата на нашата независна сцена.

Како активен учесник кој со децении посетува безброј изложби, концерти, фестивали и алтернативни собири, со години акумулирав огромен материјал. Како што одминуваше времето, сè повеќе ме изненадуваше фактот дека за огромен дел од тие настани, не постои никаква официјална институционална архива ниту пак професионални фотографии. Но и отсекогаш сакав да архивирам и собирам работи и придружен материјал како флаери, каталози и разгледници. Монографијата е решение за овој материјал да не исчезне во заборав. Таа поттикнува прашања за тоа како живееме, што оставаме зад нас, и каква порака пренесуваме на иднината.

За мене лично, чинот на архивирање е пред сè гест на длабока грижа и етичка одговорност кон времето и луѓето со кои го делевме просторот и кон идните генерации. 

Многу често вредноста на фотографијата станува видлива дури откако ќе помине одредена временска дистанца. Дури тогаш, кога сликата ќе се оддалечи од моментот во кој настанала, таа престанува да биде само обичен запис и станува сведоштво преку кое се присетуваме како навистина било. Архивирањето е дисциплина на зачувување, категоризирање, навраќање кон материјалот, а од друга страна тивок отпор против ефемерноста на мигот и заборавот.

Токму во контекст на денешните руинирани, комерцијализирани и исчезнати јавни културни простори, архивите неминовно стануваат единствениот алтернативен простор на паметење за заедницата.

Кога физичките простори на независната сцена се затвораат или пренаменуваат, архивата презема револуционерна улога и станува ментална територија на слобода. Монографијата и изложбата функционираат како потсетник за оние простори кои ни се одземени и докажуваат дека иако некои места физички не постојат, нивната естетска и социјална вредност е зачувана во колективната меморија. Архивата е доказ дека независната сцена има свој континуитет, свој идентитет и своја историја која никој не може да ја избрише.

Селекцијата е секогаш чин на моќ: што да се зачува, а што да остане надвор од канонот. Кои беа твоите критериуми при изборот на фотографиите за книгата и изложбата? Дали водечки принцип беше документирање на колективната меморија, естетска конзистентност на авторскиот поглед, или некаква трета, поинтимна логика?

Селекцијата беше можеби најтешкиот дел од работата на монографијата, на која што работевме со месеци. Таа е навистина чин на моќ, но кога работите со жива меморија на една заедница, таа моќ мора да се трансформира во чин на длабока одговорност. Свесна за тежината на тој избор, процесот на уредување не го водев сама. Изборот на фотографии за книгата беше плод на интензивна заедничка работа со уредничката на издавачката куќа „Илика“, Катерина Шекутковска, додека визуелната приказна за изложбата ја создававме во тесна соработка со кураторот Владимир Јанчевски. Оваа соработка ни овозможи да воспоставиме објективна дистанца од материјалот и да изградиме рамнотежа меѓу естетскиот аспект и колективната меморија.

Покрај поединечниот естетски аспект на секоја фотографија, клучно ни беше како тие функционираат заедно како група на една страница или во рамките на еден изложбен ѕид. Фотографијата во книга не функционира изолирано, тука таа мора да комуницира со онаа спроти неа, да создава дијалог, ритам и динамика. Нашиот главен стремеж беше исто така да обезбедиме правична и рамномерна застапеност на различните настани, периоди, но и на самите луѓе.

Сакавме архивата да остане демократско сведоштво, т.е. простор каде што подеднакво место имаат и клучните протагонисти и оние кои беа во позадина, бидејќи сите тие заедно го сочинуваат автентичниот мозаик на независната културна меморија.

На тој начин, селекцијата престана да биде алатка за исклучување и стана процес на создавање приказна, во која се спојуваат мојот личен поглед како фотограф и вистинската историја на луѓето на сцената.

Дваесет години зад објективот на независната сцена нудат ретка перспектива на интерен сведок. Како ја доживуваш еволуцијата на сцената: кои периоди ги паметиш како поплодни, кои како преодни, а кои како изгубени? И каде во таа приказна се наоѓаш ти — како хроничар, како учесник, или како нешто помеѓу?

Во мојата лична хронологија има два специфични периоди на пауза во моето работење. Првиот прекин се случи во 2014 година, кога една година живеев во Прилеп и бев далеку од главните случувања во Скопје. Вториот прекин, секако, беше периодот на ковид-кризата во 2020 и 2021 година, кога поради изолацијата и глобалните рестрикции културниот живот речиси целосно замре и имаше многу малку настани. Но од 2022 година наваму, ова е дефинитивно мојот најплоден и најинтензивен творечки период досега.

Што се однесува до мојата позиција во оваа приказна, јас никогаш не сум само надворешен набљудувач, туку нешто помеѓу хроничар и активен учесник. Јас сум фотограф кој ја документира сцената како некој што доаѓа одвнатре, што ја познава неа и луѓето што ја креираат, нивните мотиви, нивните борби и нивниот уметнички јазик.

Независната сцена денес се редефинира: просторите се поретки, мрежите посуптилни, а младинската култура се тераформира повеќе отколку што се трансформира. Дали твојата архива документира само минато, или нуди и мапа за иднината — каде и како може да се случи културата кога институционалните рамки се стеснуваат?

Иако на прв поглед една архива се занимава со она што поминало, јас верувам дека оваа книга не документира само минато, туку нуди и мапа, или барем еден вид охрабрување за иднината. Прашањето каде и како може да се случи културата кога институционалните рамки се стеснуваат и кога физичките простори исчезнуваат го нуди истиот одговор што независната сцена го живее досега.

Мојата архива покажува дека културата никогаш не зависела примарно од удобните институционални рамки или од совршено опремените државни сали. Таа се случуваше во импровизирани простори, по алтернативни барови, на улиците, во подруми и во независни културни места кои самите ги создававме со чист ентузијазам. Фотографиите докажуваат дека културата е жива материја и дека секогаш наоѓа своја пукнатина низ која ќе никне, без разлика колку е суров амбиентот околу неа. Мапата што ја нуди книгата вели дека културата се случува таму каде што има луѓе кои имаат исконска потреба да се изразат и да се поврзат.

Архивата е потсетник дека независноста не е простор кој го добиваш на подарок, туку позиција на слобода која самиот ја освојуваш. Таа е доказ дека дури и кога сè наоколу се стеснува, просторот на меморијата и креативноста останува бесконечен. Таа им дава пример на младите дека истрајноста не е залудна.

Речиси една година траеја подготовките за монографијата во издание на „Илика“ и сега сме во очекување на промоцијата на која ќе ѝ претходи изложба што ќе биде поставена во КИЦ. Како се чувствуваш после овие процеси? Како очекуваш публиката да го доживее твоето дело, но и која публика би сакала да ја држи книгата во раце и зошто?

Составувањето на архивата бараше огромна посветеност и емотивен влог, па затоа сега чувствувам истовремено и празнина и огромно исполнување. Имам голема надеж дека книгата ќе успее да ги допре луѓето и ќе остави трага. Сакам да ја држат во раце сите оние кои се дел од овој архив, за да си го препознаат сопствениот придонес, но и пошироката јавност која сака да ја разбере суштината на независната сцена. На крајот, се надевам дека оваа книга ќе послужи како визуелен мост кој ќе ги поврзе и инспирира минатите, сегашните и идните генерации.

реклама

Грешиме уште на почетокот на денот: Кога е најдобро време за појадок?

Read more

5 видови храна кои делуваат како мелем за замастен црн дроб

Read more

Голем неделен хороскоп од 9 до 15 ноември 

Read more

Друга верзија: Суви полнети пиперки

Read more

Интервју

Наташа Гелева – Лени: Културата никогаш не зависела примарно од удобните институционални рамки

Read more

Урош Ѓоровиќ: Бескрајно сум одушевен од начинот на кој функционира младата македонска сцена

Read more

Мајк Дауни: Пораките во уметноста треба да се прошверцуваат, а не да се попуваат

Read more

Д-р Наталија Орлиќ: Колку повеќе технологијата напредува, толку поважни стануваат човечките вештини

Read more

Ново

  • play_arrow

Кои се најгледаните филмови и серии на Netflix на сите времиња?

Читај повеќе
  • play_arrow

Топ 10 најоткачени дизајни на ветерни турбини

Читај повеќе

Дали постојано тапкате со ногата додека седите? 

Читај повеќе

Бака Прасе лажирал дека е уапсен, се соочува со кривична за предизвикување паника

Читај повеќе

Протекоа податоци од Росстат: Речиси половина милион руски војници загинале во Украина

Читај повеќе

Левица поднесе тужба до Управниот суд за студентскиот оброк

Читај повеќе

Бени Шаќири замина од МКЦ, ама останува во екипата на Орце Ѓорѓиевски

Читај повеќе

5 видови храна кои делуваат како мелем за замастен црн дроб

Читај повеќе

Младиот играч за врска на Рома бега од култната „седумка“ на Роналдо

Читај повеќе