Жарко Кујунџиски е една од најзначајните фигури на современата македонска книжевна сцена – писател, драмски автор, критичар, преведувач и издавач, создавач на бројни влијателни книжевни дела, како и на фестивалскиот бренд што ја редефинира европската литературна мапа во Македонија. Роден во Скопје во 1980 година, Кујунџиски е автор на тринаесет книги, меѓу кои романите „Spectator“, „Америка“, „Најдено загубено“ и „Сфинга на гневот“. Неговиот творечки глас е посветен на тематизирање на современиот човек и заемните човечки односи, преку лабаво дефинирани жанровски и стилски рамки. Делата му се преведени на неколку јазици, а тој и самиот има преведено дела од англиски на македонски јазик.
Како основач и уметнички директор на Фестивалот на европската литература BookStar – кој годинава го одбележува своето 11-то издание под слоганот „За писателцките работи“ – Кујунџиски останува не само значаен автор, туку и двигател на нови книжевни дијалози, платформа за културна размена во кои македонската книжевност добива меѓународен глас. Фестивалот за европска литература „Букстар“ (BookStar) почетокот на своето единаесетто издание ќе го означи в понеделник на 29 септември во Културно информативниот центар во Скопје со почеток во 19:30 часот, а ќе трае до 2 октомври. Главните настани ќе се одвиваат во Културно информативниот центар во Скопје, меѓутоа дел од програмата ќе се одвива и на други локации.
Годинешниот слоган „За писателцките работи“ ја поставува домашната литература во фокусот на BookStar – на кои конкретни предизвици се соочува домашната сцена што досега останале потиснати во такви јавни дебати?
Домашната книжевна сцена е навистина богата и разновидна, мислам дека се случува демократизација на книжевното дејстување и тоа е еден многу позитивен тренд на исклучително многу нови имиња кои во синергија со веќе етаблираните создаваат вибрантна книжевна сцена. Сепак, таа сцена често се соочува со одредена невидливост – како во сопствениот културен контекст, така и во поширокиот европски простор. Нашите автори создаваат дела што неретко се на рамниште со светските, но контекстот во кој тие се создаваат и се промовираат е недоволно развиен.
Недостига постојана критичка „инфраструктура“ која би ја следела, вреднувала и проблематизирала книжевноста, а дел од публиката знае да гледа на нашата литература со потценување. Ние, за жал, немаме доволно „мејнстрим“ медиуми што се заинтересирани за „писателцките работи“. Дебатите што допираат до пошироката јавност најчесто се ограничуваат на површни или се од сензационалистички карактер, пренасочувајќи ја тежината на дневнополитичкиот тас.
Сепак и писателите се соочуваат со многу конкретни егзистенцијални и професионални прашања: дали нивната работа е препознаена како вредност, како и на кој начин можат да обезбедат финансиска стабилност преку својата книжевна дејност, какви се условите за нивна промоција, преведување и меѓународна соработка, како до еднаков пристап до јавните фондови, итн. Често книжевноста се третира како „луксуз“ или хоби, а не како суштинска општествена практика која отвора нови погледи на реалноста и која има моќ да влијае врз начинот на кој општеството се разбира себеси.
Затоа годинава, со слоганот „За писателцките работи“, сакавме да отвориме токму едно такво поле за разговор – за невидливите, занемарените, но пресудно важни прашања. BookStar секогаш бил место каде што домашната книжевност е во дијалог со европската и светската, но овојпат посебно инсистираме на тоа дека домашната сцена заслужува рамноправен третман, заслужува внимателно слушање и институционална поддршка. Ако не зборуваме за овие проблеми, ако не ги ставиме на маса, тогаш ризикуваме да создадеме генерации писатели кои пишуваат во изолација, а изолацијата не води кон развој.
Фестивалот, со својата платформа, се обидува да го поттикне овој дијалог – да ја охрабри јавноста да ги слушне авторите, да им даде видливост и глас, да отвори теми кои досега биле потиснати. На крајот на денот, „писателцките работи“ не се само нивна приватна работа – тие се и работа на сите нас, затоа што книжевноста е колективен огледало на едно општество. И токму затоа мораме да ги разбереме и признаеме предизвиците со кои се соочуваат домашните автори ако сакаме да имаме здрава, витална и меѓународно релевантна книжевна сцена.
Прво издание после значајниот праг од 10 години Bookstar. Кои се најзначајните промени што ги забележуваш во односот на публиката кон европската и домашната книжевност откако BookStar започна, и како еволуираше фестивалот според овие траектории?
Првото издание по одбележувањето на една деценија BookStar навистина носи посебна тежина, затоа што десет години се доволно време за да се согледаат и измерaт промените, и во односот на публиката кон книжевноста, и во улогата што фестивалот ја има во културниот пејзаж. Кога започнавме во 2015 година, европската книжевност за многумина во Македонија звучеше како нешто далечно, речиси недостижно – секако, преводите постоеја и се множеа, но не постоеше континуирана јавна практика на нивно претставување, ниту простор каде што тие би се спојувале со домашните автори во жива дебата. Публиката беше ретка и тогаш повеќе доаѓаше од љубопитност, со потреба да открие нешто ново, додека денес веќе гледаме оформена заедница која секоја есен го чека фестивалот како културен ритуал.
Најзначајната промена е токму во активноста на таа публика. Денес не се работи само за пасивни слушатели или посетители, туку за луѓе кои бараат дијалог, кои поставуваат прашања, кои сакаат да ги разберат процесите зад создавањето на една книга и кои се заинтересирани за поширокиот социо-културен контекст.
Оваа трансформација покажува дека BookStar успеа да ја премости дистанцијата меѓу литературата и јавноста, да создаде чувство дека книжевноста е жива, динамична и суштински поврзана со секојдневните активности.
Во однос на домашната книжевност, промената е можеби уште подраматична. На почетоците, голем дел од младите автори немаа простор каде да се претстават на исто рамниште со своите европски колеги. Годинава BookStar токму тоа го прави: им дава платформа и видливост, создава услови домашните имиња да бидат дел од европскиот контекст, а истовремено и европските автори да се запознаат со македонската книжевна сцена.
Фестивалот еволуираше според овие траектории – од настан што требаше да го отвори прашањето за европската литература во Македонија, BookStar стана симбол на една културна промена во рамки на самиот контекст. Тој повеќе не е само фестивал, туку платформа што ги поврзува различните книжевни сцени, гради нови дијалози и создава јавен простор каде што литературата се третира како ткиво што припаѓа на општеството. По десет години, можеме да кажеме дека BookStar е дел од културниот идентитет на нашата средина, а тоа е и најголемата промена – свеста дека книжевноста не е изолирана уметност, туку основен јазик на комуникација со светот. Сепак уште многу предизвици стојат пред нас.
Како размислуваш за идната улога на литературните фестивали во време на дигитални форми на комуникација и намалени навики на читање кај младата публика?
Прашањето за идната улога на литературните фестивали е едно од најважните денес, бидејќи живееме во време на радикални промени во навиките на читање и комуникација. Дигиталните форми ја пренасочуваат вниманието, младата публика е сè помалку навикната на долг текст, а книжевноста честопати мора да се бори за свое место во морето информации и визуелни содржини. Но токму затоа верувам дека улогата на фестивалите ќе стане уште поизразена и поважна.
Литературните фестивали не се само промоции на книги – тие се живи средби, средишта на културна енергија, простори каде што зборовите добиваат лице и глас.
Во дигитална ера, таквата телесна и емоционална присутност добива уште поголема вредност. Кога еден млад човек ќе има можност да слушне писател како зборува за сопственото дело, да постави прашање, да почувствува дека литературата е дел од реалноста, тоа може да биде искра што ќе го врати кон книгата на начин што ниту еден алгоритам или дигитална реклама не може да го постигне.
Секако, фестивалите мора да се менуваат и да се прилагодуваат. Тоа значи дека покрај класичните книжевни вечери и дебати, тие треба да вклучуваат современи формати, мултимедијални содржини, хибридни експерименти, дијалози со друг вид уметности. На тој начин, литературата се отвора кон нови публики, а младите можат да ја почувствуваат како нешто современо и релевантно. Во исто време, дигиталното може да биде сојузник – преку стриминг на настани, преку кратки и креативни форми на социјалните мрежи, фестивалите можат да допрат и до оние кои физички не се таму, создавајќи поширока заедница.
Мојата визија е дека иднината на литературните фестивали е токму во таа двојност: да ја сочуваат живата, човечка средба што е незаменлива, и да ги искористат дигиталните алатки за да создадат поширока мрежа на присутност. Само така можеме да го одржиме интересот за литературата и кај младата публика, а можеби и да им покажеме дека читањето не е самотничко бегство од светот, туку начин да се биде во светот – посвесен, поемпатичен, поактивен, поискрено поврзан со другите.
Како би ја опишал личната еволуција што ја помина како организатор на BookStar во однос на одговорноста да ја претставиш не само земјата, туку и нејзината културна перспектива пред европската публика?
Кога го започнавме BookStar пред единаесет години, јас најпрвин го гледав фестивалот како моја студентска идеја – каде ќе се пледира платформа за книжевноста да се чита поинаку, со повеќе храброст, со повеќе ексклузивност и со видлив социјален ангажман. Но со текот на годините, сфатив дека BookStar не е само „мој“ или „младешки“ фестивал, туку дека станува дел од културниот амбиент на Македонија. Тоа значеше дека одговорноста е многу поголема отколку што можев да ја предвидам на почетокот.
Лично, мојата еволуција е во тоа што научив да ја гледам секоја програмска одлука како чин на претставување – не само на една книга или еден автор, туку на цела една културна перспектива. Секој гостин што ќе дојде во Скопје и секоја книга што ќе ја донесеме од Европа или ќе ја претставиме од Македонија, станува дел од поширока слика: како ние се позиционираме пред европската културна јавност, и како Европа нè гледа нас. Тоа е одговорност која бара многу повеќе од организациски вештини – бара визија, почит, истрајност, откажувања.
Во тие единаесет години се променив и како читател и како организатор: научив дека литературата може да биде вистинска дипломатија, најсуптилната форма на културна размена. Кога македонските автори настапуваат рамо до рамо со европски имиња, тие не претставуваат само свои текстови, туку и едно општество што сака да биде дел од современата европска книжевна карта.
Се чувствувам привилегиран, но и одговорен што BookStar е дел од тој процес. Лично, тоа ме научи на поголема скромност и на повеќе слушање – затоа што претставувањето на една култура пред Европа не значи само да зборуваш и зборуваш, туку и да создаваш простори каде што и другите ќе можат да се искажат. Моја задача како организатор е да ја отворам таа врата, а понатаму речта на авторите и книгите сами да ја раскажат приказната во и за Македонија.
Кои се најголемите предизвици во балансирањето меѓу комерцијалните аспекти и автентичните уметнички критериуми при креирање на програмата на фестивалот?
Ова е едно од најтешките прашања со кои се соочува секој организатор на фестивал, особено во културен контекст каков што е нашиот, каде што ресурсите се ограничени, а очекувањата од различни страни секогаш големи. Од една страна, за да преживее еден фестивал, тој мора да биде видлив, да привлече публика, да соработува со спонзори и институции. Тоа неизбежно носи комерцијални аспекти – од донација на производи, преку продажба на книги, соодветен маркетинг, до избор на настани што ќе ја задржат публиката. Од друга страна, јас секогаш сум верувал дека BookStar мора да ја задржи својата суштинска поента – да претставува литература што предизвикува, што ги отвора прашањата на времето, што не се плаши да биде неконвенционална или „потешка“ за читање.
Балансирањето меѓу овие две нешта е секогаш предизвик. Ако премногу се водиш од комерцијалното, ризикуваш фестивалот да се претвори во забавен настан без подлабока содржина. Ако премногу се држиш до уметничкото и автентичното, тогаш ризикуваш да го изгубиш интересот на пошироката публика и поддршката што е потребна за фестивалот да опстане.
Јас мислам дека решението е во постојано поместување на границите и барање на утописката средина: да понудиш содржини кои се доволно привлечни за да влезат во јавниот простор, но и доволно длабоки за да имаат вистинска книжевна тежина.
Во овие години научив дека најважно е фестивалот да има јасен идентитет. Ако публиката верува дека BookStar е место каде ќе слушне нешто поинакво, искрено, различно и важно за дел од јавноста, тогаш таа ќе биде подготвена и да се соочи со „потешките“ теми и дела. А ако успееме тоа искуство да го направиме достапно и интересно – со разговори, со меѓугенерациска размена, со комбинирање на книжевноста со музика, филм или визуелни уметности, со некаква игра меѓу авторот и читателот – тогаш комерцијалното и уметничкото можат да се спојат во една заедничка приказна.
Најголемиот предизвик, значи, не е во тоа дали ќе избереме „лесни“ или „тешки“ содржини, туку во тоа дали ќе најдеме начин тие да бидат искрено пренесени, да добијат своја сцена и да ја сретнат публиката што ја заслужуваат.
Дали постои некое дело, автор или разговор што се случи на BookStar и што те промени како автор? Како тоа искуство го обликуваше твојот понатамошен творечки пат?
Секоја година на BookStar ми носи нешто што ме предизвикува и како организатор, и како читател, и како автор. Би било непрецизно да издвојам само едно дело или еден автор, бидејќи силата на фестивалот е токму во тие бројни средби што, малку по малку, те менуваат. Сепак, има неколку моменти што се длабоко врежани во мене.
Еден од нив беа советите што ги добив од Славенка Дракулиќ како да го направиме фестивалот уште поатрактивен и релевантен. Втора беше средбата со Кадер Абдолах. Разговорот што го имаше со клубот на читтели отвори сосема ново поле на разбирање за тоа како литературата може да биде и лична исповед, и историја на едно општество, и политички документ, и уметнички текст во исто време. Тоа за мене беше потсетник дека жанровите и границите се секогаш релативни, и дека писателот има слобода да ја гради својата книга како свет, без да се плаши од категоризација.
Исто така, големо влијание врз мене имаа и разговорите со Нобеловката Светлана Алексиевич, со Евгениј Водолазкин, со Николо Аманити, со Наџат ел Хачми, со Алесандро Барико, со Јуси Адлер-Олсен, бидејќи секој од нив на свој начин ми отвори друга перспектива на тоа што е модерна европска литература.
BookStar ме обликуваше и во друго нешто – ме научи дека писателот никогаш не е сам. Колку и да звучи парадоксално, бидејќи пишувањето е еден од најосамените процеси, токму преку фестивалот сфатив дека делиме многу исти дилеми, сомнежи, аспирации и надежи. Таа свест за заедништво ми даде нова енергија да продолжам да пишувам, но и да го гледам сопственото творештво како дел од поширока мрежа на гласови што разговараат меѓу себе.
Затоа, ако треба да одговорам директно: да, BookStar ме промени како автор. Не со еден конкретен настан, туку со тоа што ме постави во постојан дијалог – со книжевноста на другите, со јавноста, со моите колеги, со самиот себе. А токму тој дијалог, тој немир што настанува кога ќе се соочиш со различни перспективи, е најголемата сила што може да го придвижи еден творец напред.