ТУРСКИОТ УМЕТНИК ГОСТУВА НА СКОПСКИ ПОЕТСКИ ФЕСТИВАЛ

Нихат Оздал: Поезијата најмногу живее кога еден поет го слуша другиот

Во пресрет на петтото јубилејно издание на Скопскиот поетски фестивал, македонската публика има ретка можност да се сретне со еден од најинтересните и најинтердисциплинарни поети на современата турска и светска сцена – Нихат Оздал. Оздал, познат по својата способност да ги премостува границите меѓу поезијата, визуелната уметност, музиката и сетилното искуство, ќе биде гостин на фестивалот што оваа година се одржува од 24 до 26 април на неколку локации во Скопје, меѓу кои Младинскиот културен центар, кафе-книжарницата „Буква“ и Филолошкиот факултет „Блаже Конески“.

Фестивалот, со мото „Од ритам до алгоритам“, го истражува пулсот на поезијата – од интимниот ритам на срцето до урбаниот пулс на градот, но и трансформацијата на јазикот во нови, дигитални кодови. Во ваков контекст, поезијата на Оздал се издвојува како мост меѓу традицијата и современоста, меѓу материјалното и нематеријалното, меѓу зборот и сетилото. Особено значајно е што неговата книга „Траги од крилја“ е преведена на македонски јазик, што овозможува директен дијалог со домашната читателска публика.

Гостувањето на Оздал во Скопје не е само уште една меѓународна посета, туку вистински културен настан: тој ќе настапи на официјалното отворање на фестивалот, ќе учествува во поетски читања и ќе ја претстави изложбата „Мирисот на зборовите“, каде што мирисите стануваат продолжение на поетскиот јазик и истражување на прашањето: ако зборовите имаа свој мирис, како ќе мирисаше поезијата? Овој уникатен пристап кон поетското творештво ја збогатува фестивалската програма и отвора нови перспективи за разбирање на поезијата како мултисензорно искуство.

Оздал, чија поезија често се занимава со теми како идентитетот, меморијата, ткаенините и телото, носи во Скопје поетика што е истовремено длабоко лична и универзална. Неговото учество на Скопскиот поетски фестивал е можност за македонската публика да се запознае со еден поет кој не се плаши да експериментира, да ги предизвикува границите на жанрот и да ја претвори поезијата во живо, сетилно и заедничко искуство. Во разговорот со него, фокусот го ставивме токму на неговата поетска мисла, на значењето на поезијата во современиот свет и на очекувањата од неговото гостување во Скопје.

Вашата поезија често се движи меѓу сетилното и симболичното – како го гледате односот меѓу зборот и сетилото, особено во контекст на изложбата „Мирисот на зборовите“ што ја претставувате во Скопје?

За мене, јазикот не е ограничен на граматика или синтакса – тој е терен на сетилата. Зборовите носат температура, текстура, тежина. Со „Мирисот на зборовите“ сакав да ја предизвикам хиерархијата на јазикот дозволувајќи му на мирисот – кој често се смета за примитивен или секундарен – да проговори. Мирисот ја заобиколува рационалната обработка и директно допира до спомените, емоциите и телото. Оваа изложба прашува: што ако јазикот не поминуваше прво низ умот? Што ако го почувствувавме, пред да го разбереме? Во таа смисла, поезијата не само што се чита, туку и се вдишува.

Мотото на ова издание на Скопскиот поетски фестивал е „Од ритам до алгоритам“. Како го доживувате ритамот на поезијата во дигиталната ера, и може ли поезијата да го задржи својот пулс во време на брзи информации и алгоритми?

Ритамот не е само поетска алатка – тој е начин на постоење. Нашите отчукувања на срцето, чекорите, здивот – сето тоа се облици на ритам што му претходат на јазикот. Алгоритмите, иако се математички, исто така имаат ритам, но тоа е ритам без ранливост. Верувам дека поезијата опстојува токму затоа што се спротивставува на оптимизацијата. Таа не се стреми да биде ефикасна; таа се стреми да биде вистинита. Во ера на компресирано време и стишан јазик, поезијата може да нѐ забави. Нѐ потсетува дека пулсот на битието не може да се дигитализира без загуба. Значи, да, поезијата може да го задржи својот пулс – но само ако ѝ дозволиме на тишината и бавноста да се вратат во нашите животи.

Ова прашање длабоко резонира со еден мој неодамнешен проект – „Dans“, звучна песна објавена и како винтиџ касета и на сите дигитални музички платформи. Сакав да ја тестирам тензијата меѓу аналогната бавност и дигиталната непосредност, меѓу тактилното и недопирливото. „Dans“ не е само снимка; тоа е архива на телото, поетски отпор кон заборавањето. Во време кога алгоритмите сѐ повеќе ги обликуваат нашите навики на слушање, „Dans“ ја поканува публиката да премота, да застане, да слуша со телото. Тоа сугерира дека дури и во дигиталното има простор за ритуал, за тишина, за ритмички неправилности што го дефинираат човечкото.

Вашата поетска книга „Траги од крилја“ е преведена на македонски јазик. Какво значење има за вас средбата со македонската публика и што очекувате од настапот на Скопскиот поетски фестивал?

„Траги од крилја“ беше мојата втора поетска книга – книга што се навалува кон формата и духот на хаикутo. Тоа е тивка книга, полна со птици. Не само како симболи, туку како присуства. Нивните миграциски патишта, мочуриштата од кои зависат преку летата и зимите, кревкоста на тие екосистеми – сето тоа одамна е во срцето на мојот поетски и еколошки живот. Сум се борел за нивна заштита и во мојата земја и надвор од неа. Птиците не се само дел од мојата поезија, тие шетаат низ мојот дом, моите соништа, дури и низ првите зборови на мојата ќерка. Еден од првите пет зборови што ги изговори беше „птица“.

Оваа книга, именувана по движењето на крилјата, беше преведена на македонски пред осум години. На некој начин, како птица, таа стигна во Скопје пред мене. А сега, да ја следам таа книга овде, да ја сретнам земјата и јазикот во кои слета – тоа ме трогнува. Оваа средба не е само книжевна; таа е емотивна, миграциска, дури и миграциона. Не доаѓам овде како поет што претставува книга – доаѓам како некој што се обидува да стигне до дел од себе што одамна одлетал напред.

На фестивалот ќе настапите заедно со поети од различни земји и поетски традиции. Како ваквите поетски средби влијаат врз вашето творештво и дали поезијата може да биде универзален јазик, надвор од границите на културите?

Пред неколку века, поетите и патниците често биле исти луѓе. Дури и денес, верувам дека поетите патуваат повеќе од другите уметници – не само физички, туку и во имагинацијата. Јас курирам проект на реката крај која сум роден, Еуфрат, наречен „Патници на реката“. Преку оваа иницијатива патувам со поети од различни земји по реката, дозволувајќи поезијата да тече во дијалог со географијата, историјата и заедничката тишина.

Скопскиот поетски фестивал ми дава нова можност да сретнам поети од разни традиции. Овие средби се повеќе од размена на зборови – тие се прозорци кон други времиња, други начини на чувствување на светот. Ги доживувам како длабоко збогатување, не само за мене, туку за сите вклучени. Тоа ме потсетува дека поезијата најмногу живее во движењето, во просторите меѓу јазиците, во паузите меѓу стиховите кога еден поет го слуша другиот.

Поезијата во вашето творештво често се појавува како простор на слобода и експеримент. Како гледате на улогата на поетот денес – дали поетот е хроничар на времето, бунтовник или истражувач на нови сетилни и јазични хоризонти?

Поетот, ако нешто е, тогаш е аномалија. Во свет опседнат со јасност, контрола и брзина, поетот се осмелува да престојува во двосмисленоста, во бавноста, во сомнежот. Не верувам во единечни улоги – хроничар, бунтовник, истражувач – тие се само маски што поезијата понекогаш ги носи. Но под нив, поетот останува слушател. Медиум. Некој што чува простор за она што сѐ уште не може да се именува. Во таа смисла, поезијата денес не е за давање одговори, туку за заштита на прашањата – особено оние што алгоритмите не можат да ги пресметаат, а политиката често ги брише.

реклама

Крај на измамите со вратена километража на возила

Read more

Масовни апсења на млади луѓе низ Европа, некои имаат само 14 години

Read more

Што му предвидува неделниот хороскоп на вашиот знак?

Read more

Кој предмет во домаќинството е повалкан од бањата?

Read more

Интервју

Нихат Оздал: Поезијата најмногу живее кога еден поет го слуша другиот

Read more

Марија Велинова: Доста беше „на ти го-дај ми го“, да го разбиеме елитниот круг во културната фела

Read more

Интервју со Афродита Салихи - фудбалерката рекордер

Read more

Катарина Луа ван Хоф: Книжевната фикција е суштинска за зачувување на слободата и сè што е убаво во светот

Read more
 

Ново

САД и Кина постигнаа договор

Читај повеќе

Зошто не треба да ја вклучите климата веднаш штом влезете во автомобилот?

Читај повеќе
  • play_arrow

Шпанците објавија снимка од ВАР собата за поништениот гол на Барса

Читај повеќе
  • filter

Дали Трамп ќе го „оживее“ злогласниот затвор Алкатраз?

Читај повеќе

Кардиолозите препорачуваат една кратка активност за здраво срце

Читај повеќе

Масовни апсења на млади луѓе низ Европа, некои имаат само 14 години

Читај повеќе

Познати се сите учесници на Европското првенство во ракомет 2026

Читај повеќе
  • filter

Златниот Mercedes G-класа е гласен статусен симбол

Читај повеќе

Индија и Пакистан најавија директни преговори, се почитува прекинот на огнот

Читај повеќе