Во секое општество што се стреми кон вистинска инклузивност и развој, граѓанскиот сектор го претставува пулсот што им дава живот на солидарноста, емпатијата и прогресот. Поддршката на невладините организации и здруженијата на граѓани е клучна за градење здрави заедници, не само низ бројни активности туку и преку создавање простори каде секој глас, потреба и искуство може да бидат слушнати и уважени. Овие организации често се првиот одговор на комплексните предизвици, како што се здравствените теми, маргинализацијата и психо-социјалната поддршка.
Особено важни се оние здруженија кои помагаат во прекинување на тишината околу тешки и лично деликатни прашања – токму тука граѓанскиот сектор покажува колку е неопходен за општеството. Преку спојување на личната приказна и заедничката цел, организациите стануваат мост помеѓу индивидуалната борба и системската промена. Истовремено, тие негуваат чувство на припадност, топлина и сигурност за секој што бара поддршка на својот пат.
Водени од сопствените искуства и желба никој да не остане сам во својата битка за потомство, здружението „До бебе по пат на ИВФ“ станува симбол на силната граѓанска солидарност и промената што произлегува токму од оваа поддршка. Токму вака се создаваат силните заедници– преку единство, разбирање и споделена надеж.
Здружението „До бебе по пат на ИВФ“ е основано на почетокот на 2020 година од група жени кои лично поминале низ процесот на асистирана репродукција и од своја искуствена перспектива даваат нова димензија на поддршката за луѓето кои се соочуват со неплодност во Македонија. Како единствена организација од ваков вид во земјата, тие нудат не само емотивна и психо-социјална поддршка, туку и бараат системски решенија преку активизам, лобирање и јавно застапување, рушејќи ги табуата околу овие теми.
На еден од последните значајни настани минатиот месец посветени на поддршка на граѓански организации – шестиот донаторски кружок организиран од Конект - во период од само еден час беа собрани над 683.000 денари и ќе бидат подеднакво поделени помеѓу трите организации кои се претставија на настанот - До бебе по пат на ИВФ, Здружение на лица со дијабет Охрид и ХОПС - Опции за здрав живот.
Разговарав со претставничките на здужението – Деспина Петровска, Наташа Божинов, Снежана И.Трајковски и Марија Јанкуловска – кои споделија каде ќе се движи здружението во иднина. Рекоа дека собраните средства од Донаторскиот кружок на Конект и активната онлајн кампања за собирање средства на платформата Оп-оп ќе ги наменат кон зголемување на бројот на нивните „Кафе средби“ што ги одржуваат од 2023 година и кои со текот на времето прераснаа во цврста група за поддршка, наменета за сите кои ја водат битката со неплодноста. Средствата ќе бидат од помош и за зголемување на бројот на учесници на средбите и одржување на средби и надвор од Скопје за да може да им помогнат на што е можно повеќе луѓе кои се соочуваат со неплодност и тргнуваат по патот на ин витро.
„Целта на овие средби е да се изгради поблизок однос со пациентите кои се соочуваат со неплодност, да се слушнат нивните искуства, идеи и барања, како и предизвиците со кои се соочуваат. Најважно од сѐ е учесниците да почувствуваат дека не се сами во овој процес. Дополнително, овие средби им овозможуваат бесплатна консултација и советување со стручни лица од релевантни области“, велат моите соговорнички од организацијата.
Здружението го основале непосредно пред појавата на пандемијата со COVID-19, поради што, во согласност со препораките за социјална изолација, единствен начин за реализирање на активностите биле онлајн вебинарите. Во тој контекст, организирале 30 вебинари на тема „Да зборуваме за ин витро и патот до бебе“, на кои учествуваа реномирани стручни лица од областа на репродуктивното здравје. Главната цел на овие вебинари беше подигнување на свеста за неплодноста, едукација и информирање на јавноста, како и актуелизирање на темата во поширокиот општествен дискурс.
„Активно се занимаваме со лобирање за промена на законот за БПО и позитивната листа на лекови, членови сме на Fertility Europe и на Eshre и учествуваме во сите нивни активности и состаноци низ Европа“, велат тие.
Голем залог на ова здружение е и активната партиципација во законскиот процес. Во мај 2022 година, во соработка со Клубот на пратенички, тие организираа јавна расправа на тема измена на законската регулатива за подобра поддршка на пациентите, каде беа предложени конкретни мерки за зголемување на бројот на ваучери за БПО (биопотпомогнато оплодување). Токму неодамнешните законски измени кои овозможуваат шест ин витро оплодувања на државен трошок ја докажаа важноста на нивната заложба.
„Интересот за активностите што ги нудиме значително расте, а последната Кафе средба се пополни за само 24 часа по повикот“, потенцира Деспина и додава дека често ги користат социјалните медиуми како алатка за споделување лични приказни и за подигнување на свеста на пошироката јавност за процесите на асистирана репродукција, како и за важноста на навременото информирање за репродуктивното здравје.
Наташа објаснува дека средбите им се од голема важност за одржување на поддршката, но и истрајноста во овој нималку лесен процес.
„На средбите имаме некои членки кои доаѓаат постојано, а скоро секогаш имаме и нови лица. Секој којшто сака и има потреба да дојде, може да дојде. Објавуваме на нашите социјални медиуми за секоја следна Кафе средба – кога ќе биде, каде, со кои експерти – и потребно е да се потврди присуството за да знаеме со колкава бројка на луѓе ќе работиме. Средбите засега ги организираме секој месец и траат по два часа, каниме двајца специјалисти од областа кои им даваат точни и проверени информации на оние кои доаѓаат, а воедно споделуваме и наши искуства и совети бидејќи повеќето од нас имаме поминато низ процесот и повеќето сега сме мајки“, вели таа.
Овие средби и секоја нова приказна на поединец или пар кој се соочува со неплодност зема психички и емотивен данок на моите соговорнички, кои самите поминале низ тоа и сега се нивни соборци. Наташа зборува за справувањето со ваквиот стрес.
„Преживуваме сè одново и одново... ама сакаме да бидеме тука за нив, да им кажеме дека сме нивната поддршка, дека е процес низ којшто ќе поминат, да не се откажувааат“, вели таа.
Со дел од собраните средства од донациите на Кружокот, здружението ќе може да реализира една од нивните најважни цели, изработка на прирачник „Патоказ до бебе“ во кој на едно место ќе ги соберат сите информации - точни и јасно прикажани – целата постапка на ин-витро процедурата, од документација до самите медицински чекори. Прирачникот потоа ќе биде објавен и достапен бесплатно на нивната веб-страница и споделен на социјалните медиуми. Секоја законска измена, промена во достапните лекови и други елементи на постапката ќе бидат ажирирани тековно.
Организацијата им помага на луѓе од цела Македонија, па и надвор од нашата земја кои се заинтересирани за ин-витро тука, а за оние кои се од други градови достапни се онлајн и поддршката е активна на социјалните медиуми и во Viber групата. Дел од собраните средства ќе бидат насочени и кон организирање и реализирање на повеќе средби, како во Скопје така и низ Македонија.
За пет години отсега се надеваат на подобри услови на сите кои се соочуваат со неплодност, проширување на позитивната листа со лекови кои се користат во ин витро процесот, но и за секоја ризична бременост, како и национална кампања за подигање на свеста за репродуктивното здравје и реализација на уште многу идеи во таа насока.
Од организацијата апелираат дека додека паричните донации се секако важни и неопходни за нивната работа, помошта во форма на донирање на вашето време и вештини се исто така добредојдени за подобро и поефикасно функционирање на здружението – сметководствени и правни услуги, менаџирање на социјалните медиуми, пишување на стручни текстови поврзани со неплодноста и ИВФ постапката, психолошка поддршка и советување, ажурирање на веб-страницата – сево ова е од голема помош за девојките од здружението кои ова го работат на база на волонтерски ангажман, водени од чист алтруизам.