ВО ПРЕСРЕТ НА 13. ПРО-ЗА БАЛКАН

Прашант Патак: Скопје веќе има силен и препознатлив книжевен свет

Прашант Патак е раководител на одделот за развој на англиско издаваштво во Giunti Editore. Тој ги менаџира стратешките иницијативи за издаваштво што го поврзуваат италијанското издаваштво со глобалните пазари на англиски јазик, со фокус на коизданија, развој на права и меѓународни партнерства. Со меѓуконтинентално присуство што ги опфаќа Италија, САД и Индија, Прашант игра клучна улога во проширувањето на глобалната видливост на Giunti Editore и поттикнувањето нови соработки во екосистемот на издаваштво на англиски јазик.

Пред својата посета на Скопје, каде ќе учествува во 12. Фелоушип програмата на меѓународниот фестивал ПРО-ЗА Балкан, Патак сподели интересни видувања што допираат до динамиката на современото издаваштво, но и до единственоста на книжевната сцена на Балканот.

Фестивалот ПРО-ЗА Балкан, кој годинава ја одбележува својата тринаесетта година, е важна точка што ги поврзува локалните писатели со пошироката европска и светска книжевност. Размислувањата на Патак нудат вредна перспектива за предизвиците и можностите во издаваштвото, сложеноста на преводот, и значењето на културната размена во денешниот книжевен екосистем.

Издавачкиот свет: Традиција, иновации и глобална визија

Разговорот го почнавме, природно, за долгата историја на Giunti Editore, па Патак го нагласи чувството на привилегија и одговорност што доаѓа со водечката позиција во компанија со повеќе од еден век традиција. „Имаме среќа што носиме традиција која трае веќе над сто години,“ рече тој. Таа традиција „ни дава, од една страна, одговорност, а од друга цврста основа.“ Патак јасно посочи дека традицијата не се доживува како ограничување, туку како водечко сидро: „Тоа не е нешто што нè притиска – напротив, ни помага да одржиме квалитет, уредничка грижа и почит кон читателот.“ Истовремено, посочи дека издаваштвото мора постојано да се менува. „Активно бараме иновативни гласови и свежи формати што одговараат на начинот на кој луѓето денес читаат и се поврзуваат со приказните,“ објасни тој.

„Рамнотежата се создава така што традицијата е сидро, а не бариера – тоа ни овозможува да го почитуваме изграденото, а сепак да останеме отворени и љубопитни за новото.“

На прашањето за критериумите за избор на дела што би можеле да успеат на меѓународниот пазар, Патак одговори: „Нема фиксни критериуми или формула според која ги избираме делата за меѓународниот пазар. Секогаш бараме добар содржина што може да резонира со денешните читатели и да го збогати читателското искуство.“ Нагласи дека жанрот е помалку важен од способноста на книгата „да се обрати на читателите на значаен начин и да патува низ култури.“ Ова може да ги опфати сите жанрови – од училишни книги и приказни, преку книжевна белетристика, до привлечна публицистика.

Разговарајќи за улогата на големите издавачи во денешната средина, каде што книжевните агенти, фестивалите и новите медиуми сè повеќе влијаат врз она што стигнува до читателот, Патак истакна дека големите издавачи немаат задача да филтрираат книгите низ тесни сита, туку да презентираат содржини што „можат да информираат, инспирираат и забавуваат.“ За него, најважно е да овозможи „различните гласови и приказни да бидат откриени,“ а „на крајот е читателот тој што решава што ќе резонира.“ Издавачите мора „да се погрижат тие можности да постојат, најдобрите содржини да ја достигнат најшироката публика,“ и „да бидат мост меѓу творештвото и читателството.“

На прашање за преводите и културните прекршувања, Патак рече: „Преводот никогаш не е само пренесување зборови од еден јазик на друг. Тој е премин и толкување,“ што создава деликатна рамнотежа. Ја истакна сложеноста особено кога италијански или англиски автори се претставуваат на нови пазари: „Најчест предизвик е како да се фати не само значењето, туку и тонот, ритамот и културниот контекст што му дава глас на делото.“ Хуморот, идиомите и културните референции „често се тешко преносливи, и ако се направат премногу буквално, текстот ја губи живоста. Од друга страна, ако преведувачот премногу слободно се оддалечи, сè може да се изгуби од авторската намера.“ За него, вистинскиот предизвик е „да се најде рамнотежата во која суштината ќе резонира со новите читатели, но ќе остане верна на духот на делото.“

Патак ги споделува и размислувањата за промените во начинот на читање кај младите – дигиталните формати, кратките содржини и доминацијата на визуелните медиуми. Стратегијата на Giunti е „да ги најде младите читатели таму каде што се тие (да ги „навлече“ додека се млади), а сепак да им даде содржини што имаат длабочина и вредност.“ Ова значи „прифаќање на дигиталните платформи, експериментирање со аудио книги или интерактивни изданија, и посветеност на дизајнот и пристапноста.“ Но, истовремено, останува посветеност на „високи редакциски стандарди и внимателна селекција.“

„Клучот е во почитувањето на издавачката традиција, но и наоѓање на свежи, иновативни начини за ангажирање на генерацијата што приказните ги конзумира поинаку.“

За тоа дали литературата треба да се адаптира на дигиталната култура или да остане верна на класичната форма на книгата, Патак недвосмислено рече: „Да, целосно верувам дека дигиталната култура може да создаде нови начини на читање.“ Издавачите треба да ги гледаат себе си како „куратори на содржина,“ што носи одговорност таа содржина да биде достапна „во било каква форма – електронска, аудио, филм и ТВ, печатење по нарачка, или традиционални физички книги.“ Неговиот став е јасен: „Содржината треба да биде достапна за секого, секаде. Ако некој ја бара, треба лесно да ја најде и да ја набави, без разлика каде се наоѓа.“ Ова „го надградува искуството на читателот, а истовремено отвора нови извори на приход за нашата индустрија.“

Опишувајќи средбите со автори од различни земји, Патак приметил заеднички елемент – нивната љубов кон историјата и раскажувањето. „Авторите секаде се вечни романтичари, исполнети со длабока љубов кон минатото, но ја употребуваат како гледна точка за да ја разберат сегашноста и да ја замислат иднината,“ рече тој. За многу писатели „врската со пазарот е често оддалечена“, а тој го вреднува тоа: „Таквата дистанца ѝ дава крилја на имагинацијата и овозможува делата да се развиваат поприродно.“

„Ако авторите се насочени кон пазарот, секогаш постои опасност литературата да се адаптира на трендовите, наместо да ги истражува безвременските прашања.“

Според него, „Авторот треба да пишува слободно, да сонува, да предизвикува, и да создава, додека издавачот се грижи за пазарот.“ Таа разделба ја спасува автентичноста на литературата.

Македонија и Балканот: Книжевни мостови и глобална видливост

На прашањето за фестивалот ПРО-ЗА Балкан и неговата сè поголема важност, Патак истакна дека настанот се развил во значаен мост меѓу балканската книжевност и меѓународната сцена. „Поканата за учество на ПРО-ЗА Балкан има особено значење за мене, затоа што литературата од Балканот, а особено од Македонија, е сè уште прилично скриена од светската сцена.“ Фестивалот нуди уникатно искуство што го нема на меѓународните саеми: „Тука може да се нурнат во традициите, атмосферата и нијансите што ги обликуваат делата.“ Ваквиот допир со културниот контекст помага да се разбере „зошто овие гласови се важни и зошто е битно да се шират надвор од регионот.“

Патак се радува на директните средби со сѐ што го нуди книжевната сцена во Скопје: „Скопје веќе има силен и препознатлив книжевен свет, а она што ме возбудува е шансата да го доживеам непосредно, со луѓето што го создаваат и живеат.“ За него, „средбата лице в лице со македонските автори овозможува размена надвор од напишаното. Да се слушнат нивните перспективи, да се разберат културните и општествените реалности што го обликуваат нивното пишување, и да се види како читателите во Скопје се поврзуваат со тие гласови.“ Се надева дека тоа искуство ќе може „да го пренесе понатаму, за богатството на македонската книжевност да се споделува пошироко со меѓународната публика.“

Дали постои препознатлива „балканска сензибилност“ во литературата? Патак потврди и истакна дека денешната технолошки поврзана светска сцена овозможува балканската култура полесно од кога било да стигне до глобалните читатели.

„Најмногу ми се допаѓа како балканската литература ја отсликува упорноста и одлучноста на луѓето во регионот. Ова е дел од светот каде историјата не секогаш била лесна, но културата опстојува, вкоренета во чувство на зачувување и гордост. Тоа ја прави балканската книжевност единствена и вредна во поширокиот книжевен дијалог.“

Патак го нагласи и значењето на младите преведувачи во градењето нови книжевни мостови. За разлика од претходните генерации, тие имаат „позиција што никој претходно ја немал – пристап до глобални култури, идеи и разговори во реално време.“ Оваа позиција им овозможува да креираат преводи „кои не само што се точни, туку и пријатни и привлечни за читателите од други земји.“ Покрај јазичните вештини, важна е „љубопитноста и емпатијата“, што се клучни за пренесување приказни преку границите.

За потенцијалот фестивалот ПРО-ЗА Балкан да се издигне на глобално ниво, Патак беше оптимист, поткрепен од интенцијата на настанот: „Секој мал чекор создава бран, ефект на пеперутка.“ Сега, во својата 13. година, ПРО-ЗА Балкан „веќе создал цврста основа и расте во видливост и влијание.“ Патак вели дека секој учесник станува „културен амбасадор што го носи искуството на фестивалот и литературата од регионот во светот.“ Иако ова е негово прво учество, Патак го следи фестивалот со години, и ја забележува „вистинската меѓународна заинтересираност.“ Благодарен на организаторите, Патак апелира културната заедница за поголема поддршка, убеден дека со поширока поддршка ПРО-ЗА Балкан „може да стане уште повлијателна платформа на глобално ниво.“

„Суштината на фестивалот е во намерата зад него: да се слави литературата и да се поврзуваат културите.“

Размислувањата на Прашант Патак ги осветлуваат комплексноста и динамиката на современото издаваштво, додека се залагаат за уникатните балкански гласови и приказни. Неговата визија ја истакнува суштинската улога на културната размена, преводите и иновациите во ширењето на овие наративи до пошироката публика – гарантирајќи дека различната литература ќе продолжи да опстојува и напредува на глобално ниво.

реклама

Салатата од компири ќе биде повкусна ако додадете една едноставна состојка

Read more

УЈП затвори 25 објекти поради неиздавање фискални сметки

Read more

Роверот Perseverance испрати ново селфи од Марс

Read more

Рецепт за освежителен сок од цвет од багрем

Read more

Интервју

Катерина Шекутковска: Секој човек треба да има пристап до квалитетна културна содржина

Read more

Бојан Саздов: Неопходно е да излеземе од нашите тесни граници

Read more

Јана Бауер: Во Скопје се живее и дише литературата многу поинтензивно

Read more

Немаме доволно „мејнстрим“ медиуми заинтересирани за „писателцките работи“

Read more
 

Ново

Украина собори 269 дронови во новиот масовен напад на Русија

Читај повеќе

Подгорица ја осуди изјавата на Вучиќ за годишнината од црногорската независност

Читај повеќе

Шпански медиуми: Мурињо веќе постигнал договор со Реал Мадрид

Читај повеќе

УЈП затвори 25 објекти поради неиздавање фискални сметки

Читај повеќе

Дубаи се заканува со повлекување од АБА лигата

Читај повеќе

Немате време за вежбање? Само 5 минути активност можат да ви бидат од корист за здравјето

Читај повеќе

ФФМ потврди: На 1 јуни пријателска против Турција во Истанбул

Читај повеќе

Скопјанец нашол рачна бомба додека го чистел дворот

Читај повеќе
  • play_arrow

Синот на Пеџа Стојаковиќ се двоуми дали да игра за Србија или за Грција

Читај повеќе