Живот

Инвалидската количка на Стивен Хокинг се продава на аукција

22. октомври 2018 - 17:22 | А.С.

Обожавателите на физичарот и автор Стивен Хокинг сега ќе имаат прилика да купат нешто што му припаѓало на еден од најголемите умови на нашето време, на онлајн аукција во организација на Christie's.

Аукциската куќа стави на продажба 22 предмети во сопственост на Хокинг, меѓу кои докторската теза за потеклото на универзумот, сценарио од појавувањето во анимираната ТВ-серија „The Simpsons“ и една од неговите први инвалидски колички.

Хокинг почина во март годинава на 76-годиша возраст. Поголемиот дел од неговиот живот боледуваше од лателарна амиотропкса склероза позната како амиотрофична латерална склероза (АЛС), но кај него се појави многу рано и траеше многу долго.

Продажбата на неговите лични предмети ќе биде дел од поголемата аукција насловена „На плеќите на џиновите: Њутон, Дарвин, Ајнштајн, Хокинг“ за која наддавањата ќе почнат на 31 октомври и ќе траат до 8 ноември.

Хокинг се прослави интернационално во 1998 година по објавувањето на неговиот бестселер „Кратка историја на Времето“ во која се обидува да го објасни потеклото на универзумот, како и постоењето на црните дупки.

Еден примерок од книгата, со отпечаток од палецот на Хокинг, е ставена на продажба и се очекува да достигне цена од 2.250 до 3.890 долари.

Највисока предвидена цена има докторската теза на Хокинг со негов потпис, што ја поднел на Универзитетот Кембриџ во 1965 година, во која ја образложува неговата идеја дека универзумот се шири. Аукциската куќа предвидува дека тезата ќе се продаде за повеќе од 126.000 долари.

За обожавателите на Хокинг со поплиток џеб, има неколку помалку интересни предмети, како неговата бомбер јакна и покана за одржување говор од 2009 година.

Еден од најнеобичните предмети понудени на оваа аукција секако е инвалидската количка со вграден мотор што Хокинг ја користел од крајот на 80-тите до средината на 90-тите. Се очекува да достигне цена од 12.600 до 18.900 долари.

Коментирај