Живот

Инвазија од поларни мечки на руски остров: Напаѓаат луѓе и влегуваат во домови

11. февруари 2019 - 17:54 | Б.С.Б.

На северот од Русија се случува инвазија на поларни мечки поради кое е воведена вонредна состојба на архипелагот Нова Земја во Архангелската област во Русија. Мечките нема да бидат убиени, туку ќе бидат изнесени надвор од границите на населбите во кои живеат луѓето.

Агресивните животни почнале да се појавуваат во населбите поради топењето на мразот и лошиот однос на локалните служби кога станува збор за собирањето на отпадот. Мечките копаат по сметот во потрага по храна.

„Тие излегуваат на брегот каде ги привлекуваат човечките населби, особено ако не е добро организиран системот за чување на сметот“, вели Михаил Стишов од Светската фондација за природа.

Претходно беше соопштено дека на архипелагот е воведена вонредна состојба бидејќи се појавиле 52 поларни мечки. Животните биле агресивни, напаѓале луѓе и им влегувале во домовите.

Луѓето се плашат да ги пуштат децата на училиште или да ги однесат во градинка поради инвазијата на поларни мечки, пренесува агенцијата TASS. Најголемата населба има 2.500 жители.

Сето ова се случува поради климатските промени, мечките се принудени да одат во потрага подалеку од своите живеалишта.

Коментирај