Доколку сте сопственик на моментално најскапиот смартфон на пазарот, возможно е вашиот уред да стане инертен некое време доколку се соочува со нагли промени на температурата.
Пред неколку дена, одредени корисници, кои живееле во ладни краеви, забележале дека по излегувањето надвор, нивниот iPhone се замрзнува и не реагира одреден период.
За среќа, оваа потешкотија не е од траен карактер и уредите на сите корисници повторно започнувале со работа само неколку секунди подоцна.
Секако, поголемиот дел од нив го контактирале Apple, од каде утврдиле дека се свесни за проблемот и дека работат на софтверска поправка.
Од компанијата Apple порачаа уште и дека оваа потешкотија се појавува само при нагла промена на температурата, односно дека Iphone X нема никакви проблеми на температури од 0 – 35 степени Целзиусови.
Ако се водиме според ова, овој смартфон би бил неупотреблив во повеќе делови од светот барем по половина година, па така се надеваме дека поправената верзија ќе биде пуштена што побргу.
Сепак, во однос на исклучително високата цена која ја има iPhone X, ваков пропуст е навистина неочекуван, ако знаеме дека при развојот на уредот е вршена стандардна процедура на темелно испитување на работата на телефонот при разни температурни разлики.