Останати спортови

Иранскиот „Хулк“ од 154 килограми годинава ќе дебитира во ММА рингот

3. мај 2019 - 13:06 | К.З.

ММА натпреварувањето станува вистинско глобално шоу и од година во година привлекува сѐ повеќе љубители кои сакаат да видат сурови и крвави борби помеѓу натпреварувачите. Кревачот на тегови Сајад Габири, попознат како „Иранскиот Хулк“, реши да си ја проба среќата во ММА рингот.

Бодибилдерот со неверојатна градба во моментов е тежок 154 килограми, а неговата одлука за приклучување во ММА натпреварувањето ја соопшти преку социјалните мрежи.

„Конечно ја прифаќам мојата прва официјална борба. Спремен сум за предизвик“, напиша Габири на неговиот Instagram профил, кој го следат околу 450.000 луѓе.

Голем дел од неговите следачи го засакаа поради фактот што пред три години тој јавно ѝ се спротивстави на терористичката организација ИДИЛ. Иранскиот билдер тогаш јавно се понуди да ја брани неговата земја од терористи, а во меѓувреме поради неговиот изглед стана уште поголема ѕвезда.

Неговата градба, изгледот и тежината делуваат навистина застрашувачки, па затоа љубителите на ММА спортот со големо нетрпение и внимание го очекуваат неговиот дебитантски настап во рингот. Противникот на Сајад Габири ќе биде засега неименуван бразилски борач.

Коментирај