Свет

Ирма го оштети затворот на Сен Мартен, на островот владее хаос (Фото/Видео)

11. септември 2017 - 17:36 | Макфакс

Во налетот на ураганот Ирма на островот Сен Мартен уништена е и зградата на затворот од каде што побегнале 250 затвореници.

На островот владее анархија, а вооружени банди вршат грабежи на секој чекор. Откако ураганот го опустоши островот, луѓето гладуваат и владее општ хаос.

На Сен Мартен, кој дел е под јурисдикција на Холандија, а другиот под Франција, пријавени се голем број грабежи бидејќи настана недостиг на храна, вода и струја.

Очевидци велат дека вооружени луѓе во групи по 20-30 упаѓаат во хотелите и ги ограбуваат гостите. Некои од нив имаат огнено оружје, а ограбени се и некои банки.

„Нема ниту полиција ниту какви било владини служби, па криминалците и очајните луѓе ја користат оваа шанса“, вели еден Американец за „NBC News“.

Претходно британски туристи се жалеа дека никој не сакал да ги евакуира бидејќи не се американски државјани.

Холандија прати војска на островот за да им помогне на жителите и на туристите и да се воспостави ред.

Како што беше претходно објавено, и француската влада испрати војска и полиција на островот Сен Мартен.

Коментирај