Свет

Исчезнатата ќерка на милијардерот Милејн најверојатно била убиена во Нов Зеланд

8. декември 2018 - 17:55 | А.С.

Дваесет и шестгодишен маж од Нов Зеланд се товари за убиството на исчезнатата британска туристка Грејл Милејн, соопшти локалната полиција.

Милејн (22) од Есекс, Велика Британија последен пат беше видена во Нов Зеланд пред една недела. Беше пријавена за исчезната на 1 декември.

Полицијата соопшти дека најверојатно била убиена, иако нејзиното тело уште не е најдено.

Инспекторот Скот Бирд рече дека доказите укажуваат на тоа дека девојката „веќе не е жива“.

“Семејството на Грејс беше известено за ваквиот развој на настаните“, додаде тој.

Соопштението следи откако беше прегледана снимката од безбедносните камери и беше направена форензичка анализа на просториите во хотелот каде што беше сместена, а исто така беше најдено и возило во кое има нејзина ДНК.

Денеска полицијата соопшти дека е поднесено обвинение против 26-годишен маж кој бил викнат на распит откако полицијата го лоцирала на адреса во Оукленд.

Грејс Милејн, која дипломирала на Универзитетот Линколн во септември годинава, две недели патувала сама низ Нов Зеланд, откако претходно шест недели била на групно патување низ Јужна Америка.

Имала резервација за престој во хотелот Base Backpackers во централен Оукленд до денес, 8 декември.

Таткото на Грејс, градежниот милијардер Дејвид Милејн, вчера одржа емотивна прес-конференција на која рече дека ќерка му ги „бомбардирала со фотографии и пораки од нејзините авантури“ пред да исчезне.

Неколку лични предмети на Грејс, меѓу кои пасошот, сребрено ланче и розов рачен часовник, се исчезнати и полицијата се надева дека со нивно наоѓање полесно ќе дојдат и до телото на девојката.

„Последен пат се слушнавме на 1 декември и многу сме загрижени. Таа е прекрасна, отворена, љубезна девојка која го обожава своето семејство. Страшно сме вознемирени и не можам да ви опишам низ што поминуваме“, рече господин Милејн на прес-конференцијата на која не можеше да ги запре солзите.

„Ве преколнувам, ако некој ја има видено во изминативе денови или остварил каков било контакт со неа, да ни се јави бидејќи секој детаљ е важен“, замоли тој.

Коментирај