Изминатата 2022 беше многу успешна година за Виталиа, а во новата 2023 следуваат еден куп нови предизвици за кои компанијата е подготвена, вели Искра Ветаџокоска-Муцунска, косопственичка и генерален менаџер на македонската компанија за здрава храна.

Здравите производи на Виталиа веќе се присутни на повеќе од 50 пазари низ светот, распространети ширум пет континенти. Пазарите во развој се специфичен предизвик сам по себе, и како такви претставуваат интересен потенцијал за компанијата. Оваа година, Виталиа го продолжува проширувањето на африканскиот пазар и има за цел подобро да го позиционира брендот на овој континент.
„Во 2023 Виталиа ќе се фокусира и кон пазарите во развој, Африка како огромен потенцијал, каде веќе сме присутни во 5 држави од кои Буркина Фасо, Руанда, Нигерија, Гана, Конго…, а следната година планираме дополнително проширување. Нашата цел е да го развиеме брендот на овој континент, да ја креираме и зголемиме свесноста за здравата исхрана и нејзината важност, да помогнеме во градењето на култура на здраво живеење. Затоа што ние знаеме како, 30 години know-how во пишување на нашата успешна приказна во Македонија и регионот“, вели Ветаџокоска-Муцунска за плановите на Виталиа во 2023 година.
Проширувањето на пазарите и зголемувањето на продажбата значи и потреба од адаптирање за Виталиа, за да може да одговори на барањата на сите потрошувачи. Нови инвестиции следуваат во оваа година, вели Ветаџокоска-Муцунска.
„Со проширувањето на нови пазари очекуваме и над 25% зголемување на продажбата, а со тоа и зголемување на производните капацитети и ресурсите во компанијата. Во 2023 во план е и изградба на нов магацински простор и воведување на две нови производни линии за новитетите кои ги планираме“, додава таа.
Оваа година е посебна за Виталиа од повеќе причини, но најмногу поради големиот јубилеј на компанијата, која во 2023 одбележува 30 години постоење. Компанијата има намера да ги спои технологијата, рецептурата и квалитетните состојки и да создаде своевиден hub за иновации за здрава храна. Целосното интервју со Искра Ветаџокоска-Муцунска можете да го прочитате на Капитал.