Здравје

Искуства што нѐ обележуваат за цел живот

17. јули 2017 - 17:46 | А.С.

Стресните искуства, како смрт на блиска личност, развод или отказ, влијаат на мозокот така што може да го „остарат“ и до четири години, покажа едно најново истражување.

Научниците идентификуваа 27 животни искуства што оставаат трајни трауми на мозокот, го остаруваат, а некои и потенцијално би можеле да предизвикаат Алцхајмерова болест подоцна во животот.

Штетата може да почне уште во детството, кога проблеми како повторување школска година, на пример, може да бидат стресно искуство.

Настани од детството што оставаат длабоки траги и може да нѐ обележат за цел живот се зависност на родителите од дрога или алкохол, а за децата исто така може да биде стресно ако родителите не можат да најдат работа и тоа се одразува нивниот социјално-емотивен живот.

Развод на родителите, како и смрт на мајката, таткото, братот или сестрата и децата, исто така претставуваат стрес за мозокот, без разлика на возраста на која ни се случило ова трауматично искуство.

Неверство на партнерот или зависност од дрога или алкохол, сериозен конфликт со родителите (свои или на партнерот), вербално и физичко малтретирање исто така се сметаат за многу стресни искуства.

Финансиските проблеми, како отказ или банкрот, уништување на имотот од пожар или поплава, спаѓаат во искуства што го обележуваат мозокот за цел живот.

Научниците сметаат дека стресот предизвикува воспаление во мозокот поради кое тој како орган станува понеотпорен на проблеми како деменција. Овие стресни искуства може да предизвикаат депресија, што го зголемува ризикот од деменција.

Доктор Марија Карилјо, која го водеше истражувањето, додава дека покрај наведените искуства, за децата може да биде стресна и промената на училиште, што може да биде трауматично искуство што може да го оштетува мозокот и понатаму во животот.

„Стресните настани се случуваат во текот на целиот живот и се работи за различни работи за кои можеби мислите и дека не влијаат толку на вас. За здравјето на мозокот треба да се грижиме целиот живот, не само во периодот на средовечност или старост. Мора да почнеме да мислиме на менталното здравје од најрана возраст“, вели доктор Карилјо.

За потребите на ова истражување, научниците собирале и анализирале податоци на 1.320 луѓе на просечна возраст од 58 години, за нивните стресни искуства, а потоа им правеле тестови за меморија и размислување.
Се покажало дека луѓето кои имале повеќе стресни искуства во животот полошо се покажале на тестовите.

Некои стресни ситуации едноставно не можете да ги избегнете, но има начини да се дистанцирате од стресни искуства или да го намалите нивото на стрес, како на пример, да не останувате со партнер зависник или партнер кој ве малтретира, да им понудите стручна помош или да побарате психолошка помош во случај на смрт на блиско лице.

Коментирај