Здравје

Истражување: Децата се сè подебели и помалку физички активни

18. ноември 2019 - 15:51 | Б.С.Б.

Нивото на физичка активност кај децата значително се намалува во текот на нивното основно училишно образование, покажува ново истражување од Универзитетот во Бристол.

Резултатите упатуваат на тоа дека времето кое децата на возраст од 6 до 11 години го минуваат во физичка активност од година во година се намалува за 17 минути, пренесува BBC.

Студијата ја следела физичката активност на 2.132 деца од 57 основни училишта во југозападна Англија, во периодот од 2012 година до 2018 година. Притоа, децата носеле посебни уреди со кои е мерена нивната физичка активност во текот на 5 дена во неделата.

На тој начин научниците стекнале прецизна слика за тоа колку минути дневно децата биле физички активни, но и за тоа дали нивните активности биле умерени или интензивни.

Истражувањето е финансирано од Британската фондација за срце, а покажува дека 61 процент од децата во текот на првата година од следењето интензивна физичка активност дневно имале најмалку по еден час.

До шестата година само 41 процент продолжиле со истата активност. Физичката активност особено се намалила кај девојчињата. Студијата покажала и разлики во индексот на телесната маса до единаесеттата година.

Резултатите од истражувањето се објавени во International Journal of Obesity.

Коментирај