Претставникот на десничарската партија „Италијански браќа“, Галеацо Бињами, кој во 2016 година предизвика контроверзии откако весник објави фотографија на која носи нацистичка свастика на левата рака, е именуван за заменик министер за инфраструктура.

Премиерката Џорџа Мелони, која вчера на прес-конференција лично го објави назначувањето на Бињами, е лидер на Италијански браќа, партија која влече корени од постфашистичкото италијанско социјално движење (MSI).
Бињами беше избран за втор мандат во парламентот минатиот месец. Тој долго време е дел од италијанската радикална десница, но дел од својата политичка кариера помина во поумерената партија Форца Италија на поранешниот премиер Силвио Берлускони.
Денеска тој рече дека е длабоко засрамен од фотографиите и остро ја осудува секоја форма на тоталитаризам, нарекувајќи го нацизмот и секое движење поврзано со него „апсолутно зло“.
Мелони не ја коментираше фотографијата од 2016 година, но постојано ги осудува озлогласените расистички, антиеврејски закони донесени од диктаторот Бенито Мусолини во 1938 година, а минатата недела пред Парламентот рече дека никогаш не чувствувала симпатии кон фашизмот.
„Отсекогаш сметав дека антисемитските расни закони од 1938 година се најниска точка во италијанската историја, срам што засекогаш ќе ја оцрни нашата нација“, рече таа пред Парламентот.
Бињами ќе служи под лидерот на десничарската партија Лига, Матео Салвини, кој е министер за инфраструктура и вицепремиер.