Свет

Иванка Трамп мисли дека ќе стане првата жена претседател на САД, тврдат инсајдери

27. март 2019 - 14:59 | А.С.

Иванка Трамп верува дека ќе ги следи стапките на татко ѝ и дека еден ден ќе стане првата жена претседател на САД, се тврди во најновата книга на новинарката Вики Вард.

Во книгата „Kushner Inc.: Greed. Ambition. Corruption. The Extraordinary Story of Jared Kushner and Ivanka Trump“ новинарката Вард го истражува односот меѓу Иванка и татко ѝ, претседателот на САД Доналд Трамп, и тврди дека „омилената ќерка“ на Трамп сака еден ден да го наследи.

Базирана на 220 интервјуа со инсајдери во Белата куќа и луѓе блиски на семејството на претседателот, во контроверзната книга се тврди дека Иванка е „најголемата слабост“ на татко ѝ.

Исто така, во книгата се претполага дека Иванка и нејзиниот сопруг Џеред Кушнер се „гладни за моќ“ и дека моментално ги користат нивните позиции да дојдат до моќни и влијателни луѓе.

„Двајцата ова го гледаат како можност за проширување на мрежата“, вели извор на новинарката.

„Таа смета дека еден ден ќе биде претседателка на САД“, вели Гери Кон, поранешен економски советник на Трамп кој си замина од Белата куќа.

„Таа си мисли дека по семејствата Кенеди и Буш следи семејството Трамп.“

Во книгата исто така се анализира односот меѓу Иванка и Доналд Трамп и секако, се нагласува фактот дека тој ја вика „душо“ и „ја тапка по задникот“.

Вард пишува дека нивниот однос е „покомплициран отколку што можеме да си замслиме“ и дека Трамп сака повремено да ја засрамува Иванка пред високи државни функционери „за да ѝ стави јавно до знаење кој е шеф“.

Белата куќа и семејството Кушнер немаат излезено со коментар за книгата.

Коментирај