Македонија

Изборите ќе го пролонгираат планираниот Попис на населението

21. октомври 2019 - 14:07 | МИА

Скопје, 21 октомври 2019 (МИА) – Одлуката за одржување на предвремени Парламентарни избори на 12 април 2020 година го доведува во прашање терминот за одржување на Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија планиран да биде спроведен во периодот, изјави денеска на прес-конференција директорот на Државниот завод за статситика Апостол Симовски.

– Терминот април е воопшто непогоден за спроведување на пописот со оглед на тоа што веќе се закажани изборите и истиот ќе треба да се пролонгира. Можноста да се спроведе попис пред изборите, исто така, технички е невозможна, бидејќи пописот е исклучително голема операција и самата организација е невозможно да се спроведе пред април месец, изјави Симовски.

Нагласи дека планираниот термин за спроведување на пописот од 1 до 21 април 2020 година сѐ уште не е утврден бидејќи Законот за попис сѐ уште не е донесен, како и дека е непогодно во исто време да се спроведува вака сложена статистичка операција и да се спроведуваат избори во државата.

– Кога и како евентуално би се спровел пописот не можеме да одговориме во овој момент, бидејќи тоа е одлука на парламентот. Тој треба да го донесе Законот за попис, а претходно и одлука на Владата бидејќи предлагач е Министерството за правда. За овој термин ќе дозволите да се направат консултации со овие две институции кои се одговорни за носење на овој закон, изјави Симовски.

Нагласи дека пописот ќе мора да се спроведе и дека најбитно е да се избере најпогодниот момент.

– 2021 година би бил термин што самите би го избрале, ако имавме попис во 2011 година. Бирањето на 2020 година не беше од причина што сакавме да избегаме од попис на почетокот на декадата. Во нашата држава традиција е пописот да се спроведува во годините што завршуваат со еден. Одлуката да се избере 2020 година беше, затоа што ние немавме попис во 2011 година и нас ни требаше попис што е можно порано, изјави Симовски.

Посочи дека најсоодветен термин за спроведување на попис е или пролет или есен во текот на годината и дека со таквиот термин се согласила и европската статистичка агенција Еуростат.

Во однос на барањата на опозицијата за Законот за попис, Симовски, рече дека тие биле неприфатливи зошто барале пописот да не го спроведува заводот за статистика, туку Државна пописна комисија, како и да не се користи технологијата што ни е на располагање.

– Опозицијата поднесе вкупно 23 барања од кои најголем дел беа во суштина неприфатливи зошто водеа кон спроведување на попис идентичен како тој во 2011 година, што не успеа, изјави Симовски.

Прашан кога најдоцна треба да се донесе Законот за попис во Собрание, Симовски рече, дека тие би сакале и инсистираат да се донесе што е можно побрзо.

– Не сакаме да прејудицираме кога, ние би сакале час поскоро да биде пописот. Значи, било кој термин што одговара на овие услови за спроведување на попис, после изборите, изјави Симовски.

Коментирај