Македонија

Избрани нови судии

23. ноември 2017 - 16:18 | Макфакс

На денешната седница Судскиот совет избра судии и претседатели на судови за основните, апелационите и за Врховниот суд.

На седницата беа избрани претседатели на основните судови – во Ресен, Емел Кранли Али, Снежана Манев, за нов претседател на Основниот суд Куманово, Хацан Аасан е претседател на Основниот суд Тетово, а за дебарскиот Основен суд не беше избран претседател.

Наке Георгиев е избран за нов претседател на Апелациониот суд Штип, а Александар Камбовски едногласно беше избран за судија во битолска Апелација.

За скопскиот Апелационен суд се пријавиле рекордни 73 кандидати, од кои еден не ги исполнувал условите. Тања Милева е избрана за кривична материја, а Зоран Герасимовски од судот во Тетово и Мелеб Алија Елези се избрани за скопска Апелација за граѓанска материја.

Апелациониот суд Скопје бараше двајца судии од кривична материја и двајца од граѓанска, но беа избрани само тројца, односно не беше избран судија кривичар од редот на заедниците. Африм Фидани од листата на заедниците со 12 гласа „за“ и еден „против“ беше избран за судија на Врховниот суд.

Меѓу имињата на кадидатите можеше да се забележи и името на судијката Татјана Михајлова, која повлече две од своите кандидатури, за Основниот суд во Ресен и за Апелациониот во Битола, но остана за скопска Апелација. Михајлова во јавноста стана позната по случаите на специјалното јавно обвинителство, а меѓу другото, на обвинителките Катица Јанева и Фатиме Фетаи им пресуди казна од по 2.000 евра поради непочитување на судот. Таа во еден период беше на функцијата вршител на должност претседател на Основниот суд Скопје 1, но се повлече без објаснување.

Коментирај