Живот

Изгубени меѓу генерации: Родените од 1977 до 1985 година го фатија најдоброто од два света

18. јануари 2018 - 13:28 | АЛЕКСАНДРА СПАСЕСКА

Ако сте родени во периодот од 1977 до 1985 година досега сте слушнале еден куп аргументи за тоа во која генерација припаѓате. Но едно сте знаеле отсекогаш: вие сте посебна генерација што го фати најдоброто од двата света.

Едни ве убедуваат дека припаѓате на генерација X, а други на генерацијата Милениумци, односно генерација Y. Овие девет години се тешки за класифицирање, а вие се чувствувате како да не припаѓате никаде. Тоа од една страна фрустрира, но од друга страна ве прави да се чувствувате посебни.

Аналогно детство и дигитална младост

Во јазот меѓу генерации, вие фативте време на аналогно детство и дигитална младост, односно сегашност. Тоа значи дека живеете растргнати меѓу две времиња и не можете да се препуштите на едното, а постојано трчате да фатите чекор со другото. Фактот е дека сте микрогенерација.

Си игравте надвор на улица, измислувавте игри, правевте мартинки, си пишувавте писма и честитки. Средбите со друштвото ги договаравте со денови од напред и сите доаѓаа на време, немаше СМС, четови и инстант пораки. За да се слушнете со некого моравте да се јавите на фиксен (единствениот дома!), да вртите бројчаник, да се претставите на родителите на другарите, љубезно да побарате да се јават на телефон, а тие уште пољубезно да ви кажат дека другарчето пишува домашна или гледа филм на телевизија (нема паузирање, нема реприза) и не може да се јави. Да не спомнуваме ако се јавувавте кај симпатијата, а цело семејство ви го слуша муабетот бидејќи телефонот е во дневна или во ходник.

Титкање и dial up конекција

Времињата се менуваа токму кога бевте тинејџери, како да не беше доволно тоа што и вие се менувавте и станувавте свои личности. Технологијата напреднуваше со брз ритам, а вие фативте сѐ во лет. Слушавте музика на касети и запишувавте текстови на песни по памтење, а денес имате Shazam. Се појавија првите мобилни телефони со изгор скапи тарифи. Но, имавте приватност во комуникацијата со пријателите, праќавте СМС  пораки со шифриран јазик за да „собере“ повеќе текст во една порака (на припејд си, немаш пари бидејќи си средношколец/студент), а вашата генерација го измисли титкањето што значеше „мислам на тебе“, „излези пред зграда“, „стигнав дома“...

Вашите први компјутери беа Intel, 286 или 486, или Commodore. Првите видеоигри ви беа на дискета, игравте со џојстик, дремевте на флипери. Денес живеете во дигитална ера на социјални медиуми каде сѐ е на едно место: во вашиот смартфон. А не можете ни да се сетите како поминавте низ сите тие попатни промени и на колку различни технологии се учевте сами и успеавте да ги совладате. Од звукот на првиот модем при dial up конекција кога си отвораш мејл 40 минути додека мајка ти вика по тебе дека ѝ треба телефонот да се јави во комшии, до безжичен интернет и целиот свет во еден смартфон.

Детството ви е снимено на VHS касети што нема каде да ги гледате, тинејџерските денови на фотографии од единствениот дигитален фотоапарат во друштвото што сега се во некој заборавен фолдер на стариот десктоп компјутер, а вашите рани години како возрасен човек се документирани на социјалните мрежи. Сета среќа што немаше Facebook кога имавте најлоша фризура, смешен вкус за мода и не знаевте дали ви стои брада или не.

Технологијата созреваше заедно со оваа генерација и добрата страна е што вие се прилагодувате толку брзо на сѐ што уште може да држите чекор со „новите клинци“.

Оптимален баланс

Имавте прилично мирно детство, иако војните околу распаѓањето на Југославија  оставија трага на вашата генерација со сознанието за несовршеноста на светот и можеби ве направија позрели за вашата возраст бидејќи рано во животот се соочивте со реалноста.

Сепак, раната младост ви се состоеше од дискусии кој е подобар: Жан Клод Ван Дам или Чак Норис, „Лед цепелин“ или „Дорс“, „Оејзис“ или „Нирвана“? Психолозите велат дека предноста на вашата „изгубена генерација“ е токму тој дуалитет што ве прави издржливи и прилагодливи. Не сте депримираната гранџ Генерација X, ниту премногу оптимистичните и идеалистички самоуверени Милениумци.

Не сте ни депримирани, ни премногу оптимистични. Вие сте оптималниот баланс. И кога би можеле да бирате, не би избрале да се родите во друга генерација, нели?

Коментирај