Филм & ТВ

Изненадување во „James Bond 25“: Новиот агент 007 ќе биде жена

15. јули 2019 - 14:36 | К.З.

Новиот филм за британскиот таен агент Џејмс Бонд ќе донесе големи промени во популарната филмска франшиза. Одлуката можеби ќе ги шокира дел од најтврдокорните фанови на серијалот, но во новиот филм агентот 007 ќе биде најавен како жена.

 

Жена, поточно британската актерка Лашана Линч, ќе биде новиот главен лик во франшизата за тајниот агент 007, која досега беше предводена од Даниел Крег.

Според британските медиуми, сценаристката на филмот Фиби Волер-Бриџ интервенирала за Лашана Линч да ја преземе главната улога во продолженијата од франшизата. Актерката стана популарна преку филмот „Captain Marvel“, во кој ја имаше улогата на најдобра другарка на Карол Данверс, главниот лик во филмот.

ВНИМАНИЕ: ПОТЕНЦИЈАЛНИ СПОЈЛЕРИ ЗА „JAMES BOND 25“

„Во новиот филм има многу важна сцена уште на почетокот, кога М вели ‘Влези, агенту 007’ и низ вратата влегува Лашана, која е црна, убава жена. Тоа е момент кој ќе направи да ви паднат пуканките од раце. Бонд и понатаму останува Бонд, но е заменет како Агентот 007 од страна на жена“, истакнува сценариската Волер-Бриџ.

Сценаристката вели дека на почетокот, кога ликот на Лашана се сретнува со Џејмс Бонд, агентот се обидува да ѝ пристапи со вообичаените трикови за заведување, но забележува дека тие не успеваат на брилијантна, млада девојка како неа. Барем не на почетокот.

Исто така, продуцентите најавија дека ќе го пензионираат терминот „Бонд девојки“ и отсега тие ќе бидат наречени „Бонд жени“.

„Многумина се бунеа поради начинот на кој Бонд ги третира жените во филмовите од серијалот. Тој мора да остане во својот карактер, не го гледам тоа како лоша работа. Само што, франшизата мора да расте и да еволуира“, додаде Волер-Бриџ.

Коментирај