Денеска во ФФМ се одржа жрепката за осминафиналето од Купот на Македонија каде фортуната одлучи бранителот Академија Пандев да игра против најтрофејниот Вардар.
Ланската сезона во купот заглави во пофиналето, победник немаше бидејќи сезоната се прекина, па така актуелен шампион и натаму е Академија Пандев како победник од сезоната 2018/19. Струмичкиот тим походот кон одбраната на пехарот ќе го почне од скопски Вардар, кој пак е најтрофеен во купот со 5 титули.
За потсетување, четирите полуфиналисти од лани (Академија Пандев, Брегалница, Струга и Шкендија) беа ослободени од 1. коло сезонава и почнуваат од осминафиналето.
Македонија ЃП, Шкендија, Шкупи и Силекс важат за фаворити против второлигашите Саса, Гостивар, Кит-Го и Кожуф.
Затоа, пак, иако Беласица е прволигаш, ќе има тешка задача против второлигашот Брегалница. Беласица е најлоша во првата лига, додека Брегалница е лидер во втората лига Исток.
Две прволигашки пресметки смести жрепката и тоа Струга против Работнички и Ренова против Пелистер.
Македонија ЃП (1) - Саса (2)
Шкендија (1) - Гостивар (2)
Шкупи (1) - Кит-Го (2)
Кожуф (2) - Силекс (1)
Струга (1) - Работнички (1)
Брегалница (2) - Беласица (1)
Ренова (1) - Пелистер (1)
Ќе се игра само еден натпревар и тоа на 21 октомври. Осумте победници потоа со нова жрепка ќе ги дознаат противниците во четвртфиналето кое е предвидено за 25 ноември.