По боб-санкањето на ЗОИ 1988 во Канада, сега Јамајканците сакаат да влезaт во историјата и како првата топска нација која играла хокеј на мраз на една Олимпијада.

Се сеќавате на култниот филм „Cool Runnings“ од 1993 посветен на јамајканскиот боб тим кои учествуваше на Зимските олимписки игра во 1988 во Калгари? Сега карипската островска нација сака да испише нова историја: да игра хокеј на мраз исто така на Олимпијада.
Јамајканците веќе имаат направено тим кој деновиве триумфираше на Латам купот во Флорида. Тие во финалето го совладаа актуелниот шампион Колумбија со 3:2 најавувајќи остварување на олимпискиот сон. Успехот е уште поголем ако се знае дека ова беше всушност деби турнир на репрезентацијата.
На Јамајка, нормално, нема арена за хокеј. Целата репрезентација е составена од хокеари родени или израснати во Канада и САД. Најпознатo име е Џејден Линдо кој во 2014 беше драфтуван од Питсбург Пенгуинс.

Наредната Олимпијада ќе се одржи во Пекинг, Кина во 2022 година. Но, квалификациите се веќе испланирани, а Јамајка не е учесник. Нивна цел се ЗОИ 2026 во Милано. Дотогаш Јамајка мора да исполни неколку услови меѓу кои и најтешката, задолжителната изградба на хокеј арена.