
Jeep ги објави првите фотки и информации за европската верзија на освежениот Wrangler. Ќе биде достапен во две верзии.
Jeep Wrangler е икона на офроуд моделите во светот. Од неговото деби во 1986, Американците продадоа дури 5 милиони примероци низ светот. Сега, Jeep ја претстави новата верзија за европскиот пазар. Што е ново?

Дизајнерите ја освежија предната решетка, тркалата со големина помеѓу 17 и 20 инчи, а купувачите може да одберат помеѓу тврд и мек кров. Како опција ќе биде достапен и Sky One-Touch кровот со лизгачки механизам. Ќе бидат достапни 10 бои, вклучувајќи ја и новата наречена Anvil.

Во внатрешноста се наоѓа нов екран од петтата генерација на мултимедијалниот систем Uconnect достапен како стандард, со големина од 12,3 инчи, материјалите околу плочата со инструменти се меки на допир, предните седишта се подесуваат во 12 насоки.

Jeep Wrangler ќе биде достапен со два мотори. Од конвенционалните мотори во понудата останува 2.0 литарскиот турбо бензинец кој развива 272 КС и 400 Nm, со автоматски менувач со 8 брзини.
Втората верзија е Wrangler 4xe, односно плаг-ин хибрид, кој комбинира 2.0 литарски бензинец со електричен агрегат и батерија од 17kWh. Заедно развиваат 380 КС и 637 Nm вртежен момент.

Првите примероци на новиот Jeep Wrangler ќе пристигнат од почетокот на 2024 година.